По силното невреме што денеска предизвика штети во повеќе делови од земјата, Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) предупредува дека кон Македонија се приближува нова нестабилна воздушна маса.
Според информациите од УХМР, невремето кое моментално е над Албанија и Косово се движи кон нашата земја, а овојпат се очекува главната опасност да бидат обилните врнежи од дожд и можната појава на град.
„Невремето во Албанија и Косово во моментов се движи кон Македонија. Ова невреме можно е да биде со поизразени врнежи и град, а не ветер“, информираат од УХМР.
Метеоролозите апелираат граѓаните внимателно да ги следат најновите временски информации и предупредувања, бидејќи локално се можни интензивни врнежи и појава на град, што може да предизвика нови проблеми.






