Очила и рачен часовник во замена за информација кога ќе се врши ненајавена инспекција. Двајца даночници, меѓу кои и братот на претседателката на скопскиот Кривичен суд, заработија обвинение, бидејќи го известувале газдата на дискотеката „Пулс“ Дејан Јованов кога МВР и УЈП ќе прават контроли. За возврат добивале скапи подароци. Ова го тврди кочанското обвинителство кое на кривична одговорност повикува деветмина и тоа за поткуп, злоупотреби и фалсификување на извештаи. Информациите, според Обвинителството се доставувале преку пораки на Вибер на синот ја Дејан, Михајло Јованов, а во една од контролите, година дена пред несреќата, иако бил утврден нерегистриран промет, овој даночен прекршок не бил внесен во записникот, па така газдата на „Пулс“ спасил 1.600 евра, колку што требал, а не платил – глоба за незаконското работење.
„Иако биле свесни дека согласно закон не смеат да оддаваат информации кои ги осознале во врска со даночна постапка, првиот обвинет сепак го информирал третиот обвинет преку вибер пораки за дејствијата на УЈП и МВР во врска со наведените фирми, правејќи со тоа и продолжено кривично дело – Оддавање службена тајна од член 360 од Кривичниот законик“, соопштија од Основно јавно обвинителство – Кочани.
Во меѓувреме, продолжи процесот за деветмината полицајци, обвинети дека дале согласност „Пулс“ да добие лиценца за работа, без да направат соодветни проверки. Тие побараа да сведочи газдата на дискотеката, но обвинителството се противи Јованов да биде сослушан како сведок.
До наредното рочиште судот треба да ги обезбеди записниците, извештаите и телеграмите од штипската полиција, за да донесе одлука дали овие документи ќе бидат дел од доказите на одбраната.






