Идејата за „градуална интеграција“ повторно ја отвори дилемата – дали станува збор за реален чекор кон Европската Унија или за уште една фаза на чекање без гаранции за полноправно членство. Во емисијата „Директно“ на Телма за оваа тема дебатираа Никола Димитров од „Солуција“ и Марко Трошановски од Институтот за демократија „Социетас Цивилис“.
Трошановски предупреди дека темата за европската интеграција и натаму се третира внимателно, поради наталожените разочарувања во јавноста.
„Газиме по јајца кога се однесува тематата за европската интеграција, разбирливо од нашите минати фрустрации и ако не ги менаџираме очекувањата соодветно дополнително можеме да долееме кон и онака ранениот кредибилитет на ЕУ во нашата земја“, изјави Трошановски.
Според него, дебатата за нови, пофункционални модалитети на проширување веќе не е само академска или тинк-тенковска дискусија, туку станува дел од политичката агенда во Брисел.
„Дебатата за некои пофункционални модалитети на проширување е многу поконкретизирана и напредната од димензиите на академска, тинк-тенковска и NGO дебата кон политичка димензија и веќе се разговара во колуарите на европските институции“, посочи тој.
Во наредните недели, како што најави, Европската комисија, односно Директоратот за проширување, треба да ги објави годишните извештаи и јавни политики, каде што евентуално би можело да се конкретизира некое од предложените решенија.
„Сега имаме мешавина од идеи, но најлогичните решенија се ставени во една капа и да оставиме кое би било конкретното решение“, рече Трошановски.
Тој нагласи дека какво и да биде решението, нема да може да помине без согласност од сите земји членки.
„Во ниеден случај не треба да се залажуваме бидејќи ќе треба согласност од сите земји“, истакна тој, додавајќи дека многу ќе зависи и од начинот на кој ќе се спроведат уставните измени, доколку до нив дојде. Начинот на кој би биле потенцијално спроведени мора да вклучува осмислени внатрешни гаранции ние да се заштитиме самите себеси од идни потенцијални злоупотреби“, потенцираше Трошановски.
Една од идеите што се разгледуваат е ограничување на можноста новите членки да ставаат вето, со цел да се намали стравот кај старите членки од блокади во клучните политики.
„Обезмоќувањето државите да стават вето, значи не право на глас туку вето, вие можете да гласате, но вашиот глас да не може да биде пресуден, односно да не можете да ставите вето-блокада. Тоа не знаеме како ќе биде разработено“, објасни тој.
Според него, ваквиот пристап би можел да ги охрабри постојните членки да ги прифатат, како што рече, „неконсолидираните демократии“, без страв дека тие ќе влијаат врз надворешната политика на Унијата.
Дали „градуалната интеграција“ ќе биде вистински мост кон Брисел или нова чекалница, останува да се види, но јасно е дека процесот влегува во нова, поконкретна фаза, во која политичките одлуки ќе бидат клучни.








