Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, кој престојува во работна посета во Вашингтон, оствари повеќе средби со претставници на меѓународни институции и американски партнери, каде главни теми биле економската соработка, развојот на транспортните коридори и енергетската транзиција на Северна Македонија.
За време на посетата, Николоски учествува и како еден од главните говорници на глобалниот форум „Transforming Transportation 2026“, кој се одржува во организација на Светска банка. Форумот е посветен на иднината на транспортната инфраструктура, одржливата мобилност и нејзината улога во економскиот развој.
Во своето обраќање, Николоски посочил дека стратешки приоритет за државата остануваат паневропските транспортни коридори 8 и 10, кои имаат клучно значење за регионалното поврзување, трговијата и економскиот раст.
Тој истакнал дека Владата работи на реализација на крупни инфраструктурни проекти, меѓу кои: Изградба и модернизација на автопатски делници на Коридорот 8, модернизација на автопатскиот правец на Коридорот 10, изградба на брза железница на Коридорот 10, железничко поврзување со Бугарија како дел од Коридорот 8.
Во рамки на посетата, Николоски имал средба и со Чарлс Кормиер, регионален директор за инфраструктура во Светска банка, при што било разговарано за проширување на партнерството во инфраструктурни и транспортни проекти.
Тој нагласил дека поддршката од Светска банка е значајна за развојот на локалната инфраструктура и дека во моментов со средства од Банката се реализираат околу 286 километри локални улици во општините низ државата..
Дополнително, се работи и на: Интегриран систем во царината кој ќе поврзе осум институции за побрз проток на стока и луѓе
реконструкција на граничните премини Ќафасан и Деве Баир – воведување интелигентни транспортни системи проекти за урбана мобилност, со пилот-проект во Скопје.
Николоски најави дека во наредниот период се очекуваат нови инфраструктурни проекти во партнерство со Светска банка, со цел подобрување на транспортот, урбаната мобилност и локалната инфраструктура во повеќе градови.
Според него, ваквите проекти ќе придонесат за економски раст, отворање нови работни места и подобрување на условите за живот во државата.
„Ова е признание за напорната работа и ќе продолжиме со нашите меѓународни партнери да ја развиваме Македонија и да создадеме услови за нови добро платени работни места“, изјави Николоски.








