Од Брисел пристигнаа позитивни вести во врска со долгогодишниот проблем со кој се соочуваа професионалните превозници и возачи од Македонија. Како што беше соопштено, ставовите на македонските превозници се прифатени, а возачите се официјално признаени како професионалци, што беше и клучното барање во изминатиот период.

По серијата протести и интензивни активности насочени кон европските институции, Европската унија најавува нова Стратегија за визи, со која ќе се надмине проблемот што ги засегаше професионалните возачи од земјата. Новата стратегија се очекува значително да ја олесни нивната работа и да овозможи пофер и појасен третман при патувањата и работните ангажмани во земјите на ЕУ.
Во соопштението се наведува дека ова претставува важен исчекор и конкретен резултат од заедничките напори на превозниците, институциите и поддржувачите на македонските позиции на европско ниво.
„Нашите ставови се прифатени. Возачите се прифатени како професионалци – тоа е токму она што го баравме“, се наведува во реакцијата.
Упатена е и благодарност до сите пријатели на Македонија кои помогнале во процесот и дале поддршка за решавање на овој значаен проблем за транспортниот сектор и македонската економија.









