Во рамки на новата стратегија за развој на поштенскиот сектор, Македонска пошта следниот месец ќе добие 100 нови возила, како донација од државата, што ќе значи значителен исчекор во подобрувањето на секојдневното функционирање и доставата на услуги ширум земјава.
На 24-тиот јавен состанок на Агенција за пошти, вицепремиер и министер за транспорт Александар Николоски потврди дека од новите возила 90 ќе бидат помали комбиња, а 10 големи комбија, наменети за зголемена оперативна ефикасност и побрза испорака на пратки и писма.
Николоски потенцираше дека оваа иницијатива е дел од пошироките напори на Владата да ги подигне стандардите во поштенскиот сектор, да ги подобри условите за работа и да создаде подобри услуги за граѓаните, но и да го заштити и развива државниот капитал.
Имајќи предвид севкупните предизвици на поштенскиот пазар, со кој што се соочуваат не само „Пошта“ туку и корисниците, тековните законски измени и консултации со сите чинители се насочени кон создавање пофер и поефикасен систем, рече Николоски. Тој додаде дека државата работи на тоа услугите да станат поефикасни, со намалување на трошоците и подобрување на профитабилноста до 15%.
На пазарот на поштенски услуги во моментов се регистрирани 29 правни лица, што укажува на високо ниво на конкуренција, но, како што беше истакнато, уште секогаш останува предизвик да се обезбеди универзален квалитет на услугите до секое место во државата.
Оваа донација со нови возила се очекува да претставува значаен чекор во модернизирањето на инфраструктурата на „Македонска пошта“ и да придонесе во трансформацијата на целиот поштенски пазар во земјата.







