Основниот Кривичен суд Скопје го ослободи од обвинение поранешниот премиер Никола Груевски во случајот „Талир 2“, кој се однесува на наводно пречекорување на службените овластувања и противправно финансирање на изградбата на седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, познато како Белата палата.
Судијката Даниела Алексовска при објавувањето на пресудата изјави дека при одлучувањето биле земени предвид измените на Кривичниот законик од 2023 година, поради кои било изменето и обвинението.
Судот: Обвинителството не го докажа делото
„Иако беа направени измени на обвинението, промени во доказите и фактите изнесени пред судот немаше. Судот смета дека обвинителството не докажа надвор од разумно сомневање дека обвинетиот Никола Груевски сторил пречекорување на службената должност“, изјави Алексовска.
Таа додаде дека Судот во целост го прифатил ставот на Апелацискиот суд дека измените на Кривичниот законик се во директна корист на обвинетиот. Според Алексовска, ослободителната пресуда е резултат на законските измени од 2023 година, кои довеле до укинување на претходната првостепена пресуда во предметот.
„И покрај тоа што оваа пресуда е различна од претходната, анализата и оценката на доказите, утврдените факти и заклучоците на судот останаа непроменети“, рече таа.






