Независниот синдикат на полицијата (НСП) во текот на вчерашниот ден официјално поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Битола против две лица, Р.M. и Ф.М., поради упатени сериозни закани по животот на полициски службеници.
Од Синдикатот побара итна реакција од правосудните органи и одредување мерка притвор за пријавените.
Според содржината на кривичната пријава, инцидентот се случил на 03.02.2026 година за време на протести во Битола. Пријавените, преку изјави во медиумите и на социјалните мрежи, упатиле директни закани дека ќе ги нападнат полицајците доколку тие се обидат да го спроведат законот и да им ги одземат возилата.
НСП во својот допис до Обвинителството потенцира дека очекуваат ист аршин на постапување како во случаите кога се гонат полициски службеници.
Исто така предлага лицата веднаш да бидат повикани како осомничени и за нив да се побара притвор за да не го повторат делото или да го извршат тешкото кривично дело кое го најавуваат.
Како доказ кон пријавата се доставени извадоци од видео материјалите со изјавите на лицата.
Од НСП порачуваат дека доколку Обвинителството не постапи во најкус рок, нивното непостапување „нема да остане незабележано“.









