Просторот во непосредна близина на спортскиот центар „Борис Трајковски“ во населбата Карпош 3 е постојана цел на несовесните граѓани што фрлаат кабаст отпад на оваа локација. Затоа Општина Карпош постојано го чисти овој простор, но за поголема ефикасност, ја огради локацијата на која постави и рампа, со официјално известување за забрана за фрлање отпад.
– И покрај сите апели на локалната самоуправа за одржување на чистата околина, несовесни граѓани ја отстраниле рампата и продолжиле да фрлаат отпад на таа локација, по што Општината веднаш реагираше со детална акција за расчистување на просторот – соопштија од општинските власти.
Бидејќи се провлекува овој проблем повеќе години, градоначалникот Сотир Лукровски и директорот на СЦ „Борис Трајковски“, Данијел Апостолоски, разгледуваат повеќе предлози за негово, конечно, надминување.








