Ќе има ротација на ресори во Владата меѓу коалициските партнери, а нови имиња се очекува да има барем во седум или осум министерства – пишува “ФОКУС”.
Извори за “ФОКУС” од владеачката партија информираат дека меѓу партнерите постои начелен договор околу распределбата на министерските ресори во рамки на најавената реконструкција на Владата.
Според овие информации, ВЛЕН треба да ги отстапи ресорите Здравство и Социјална политика, демографија и млади, а за возврат од ВМРО-ДПМНЕ да ги преземе Министерството за култура и туризам, Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, како и ресорот спорт.
Доколку договорот биде потврден во финалната верзија за реконструкцијата, тоа би значело дека албанскиот партнер во власта би имал еден ресор повеќе во новата распределба.
Според истите извори, од министерските позиции би заминале Зоран Љутков, Борко Ристовски, Иван Стоиљковиќ, како и Фатмир Лимани, за кого веќе подолг период се шпекулираше дека нема да биде дел од новиот состав на Владата.
Интересно е што меѓу имињата на министрите кои НЕОФИЦИЈАЛНО ја напуштаат Владата е и поранешниот репрезентативец и легендарна ракометна икона, Борко Ристоски, човекот во кој особено Прилеп имаше големи надежи и очекувања.
Имено по неговото назначување на министерската позиција во новоформираното министерство, меѓу првите посети на Ристовски беше Прилеп, каде вети за најбрзо време враќање во функција на Универзалната сала, спортскиот храм на прилепчани кој со години не работи.
Оттогаш поминаа две години, а Универзална продолжува да скапува, спортските клубови во Прилеп играат во училишни сали кои не исполнуваат услови за меѓународни натпревари, ниту пак имаат капацитет да ги соберат сите заинтересирани кои сакаат да проследат спортски натпревар.
Ветувањето беше Универзална од ПУИГ да дојде во владение на Министерството за спорт, а потоа да се даде на користење на компанијата „Комфи Ангел“. При посетата на Прилеп на 05.03.2025, Ристовски даде ветување и за сала “Македонија”, за која вети раскинување на договорот за концесија и реконструирање, а вети и дека Министерството ќе го земе под свое стопанисување и комплексот “Маркови Кули” или Градски базен, и ќе бара начин преку јавно-приватно партнерство да го даде на инвеститор.
Дали доколку и официјално Ристовски ја напушти министерската функција, и ветувањата за спортската инфраструктура во Прилеп ќе се заборават…. останува да видеме во периодот кој претстои….








