„Моето заробено срце“ (My Enslaved Heart), босанската драма по сценарио и режија на Џан Харба, каде што директор на фотографија е македонскиот кинематографер Самир Љума, ќе ја има својата светска премиера на 11 ноември, на 30. филмски фестивал „Црни ноќи“ во Талин. Краткометражниот игран филм ќе биде прикажан во натпреварувачката програма за кратки филмови на нови таленти, а по проекцијата ќе следува разговор со режисерот Харба, продуцентот Зоран Ковачевиќ и со директорот на фотографија, Љума.
Филмот е дипломски проект на Харба и ги следи Авдо и Златка кои првпат по бегството од војната во деведесеттите, се враќаат во Босна. Водени од Авдовите идеализирани сеќавања, тргнуваат на пат низ изменета земја и почнуваат да се прашуваат дали уште постои домот што го паметат. Улогите во филмот ги толкуваат Изудин Бајровиќ и Јасна Жалица.
„Моето заробено срце“ е прва соработка на Љума со Џан Харба.
– Работата со Самир беше еден од најпријатните делови од создавањето на овој филм. Како студент, бев неизмерно благодарен кога дознав дека толку почитуван, искусен директор на фотографија ја препозна приказната и се приклучи. Покрај искуството и стручноста, перспективите на Самир ја обликуваа приказната – тој воведе гледишта за кои воопшто не размислував и ми помогна појасно да го артикулирам визуелниот јазик на филмот. Најмногу ги ценев чувствителноста и великодушноста со кои пристапи во соработката. Беше многу исполнувачки, збогатувачки творечки однос и од искуството излегов не само со филм каков што се надевав дека може да биде туку и значително пораснат како автор. Тоа е нешто што навистина го ценам во работата со Самир – вели Харба.
Додава дека во филмот се поставува прашањето што значи да копнееш по дом што повеќе не постои.
– Растејќи во семејство што избега од војната во Босна во деведесеттите, ги гледав моите родители и баба и дедо, како и многу други луѓе од Балканот, како се справуваат со чувствата на раселеност, носталгија и загубеност. Сакав да ги драматизирам тие чувства преку патувањето на Авдо и Златка, двајца луѓе што копнеат да ги надминат поголемите општествено-историски сили, ризикувајќи да бидат проголтани од сопствениот идеализам. Се надевам дека филмот ќе го предизвика чувството на талкање низ светот во потрагата по дом што постои сега само како сеќавање – додава Харба.
Инаку, нашиот Самир Љума е најпознат што заедно со Фејми Даут го сними „Медена земја“, за кој ја доби наградата на фестивалот „Санденс“ во 2019 година, а заедно со Даут и наградата на Американското здружение на кинематографери (ASC) за документарен филм.
Љума истакнува дека мајка му е од Сараево, но дека пораснал во Македонија.
– Мојот контакт со повоена Босна, веројатно, беше многу поинаков од оној на протагонистите во филмот „Моето заробено срце“. Кога ме контактираше Џан и кога го прочитав сценариото, веднаш сакав да бидам дел од тоа. Ја снимивме тишината како лик што гласно зборува во овој контекст – вели Љума.
Тој е познат и по соработката со млади режисери на почетокот од нивната кариера. Го снимил и продуцирал краткиот филм „Мишко“ на Ханис Багашов (2018), направен кога имал режисерот 17 години, го снимил дипломскиот филм „Никола, Никола“ на Леон Ристов, дипломец на Универзитетот „Колумбија“, а неодамна соработувал со египетско-канадскиот режисер Марко Адли, на неговиот прв долгометражен филм „Stanza“. Самир е член на Македонската асоцијација на кинематографери при ДФРМ.






