Криста Пајк (50), осудена на смрт во американската сојузна држава Тенеси, и понатаму е во критична состојба откако преживеа два обида за егзекуција со смртоносна инјекција. Повеќе од 24 часа по неуспешното погубување, таа се наоѓа во болница, каде што лекарите ѝ пружаат интензивна нега. Американскиот претседател Доналд Трамп реагираше на случајот и изрази зачуденост поради тоа што погубувањето не успеало.
„Како се случи тоа? Не би требало да биде толку тешко“, им рече Трамп на новинарите.
На прашањето дали федералната влада има каква било улога во одлуката дали државата Тенеси повторно ќе се обиде да ја изврши смртната казна, Трамп одговори:
„За тоа ќе мора да разговарате со Тенеси. На нив е да одлучат дали ќе продолжат.“
Адвокатот на осуденичката, Ренди Спајви, изјави дека сè уште нема јасни информации за нејзината прогноза.
„Немаме јасна слика за прогнозата ниту многу нови информации за нејзината здравствена состојба. Но знаеме дека во моментов е жива“, рече Спајви.
Тој го нарече неуспешното погубување „сурово и мачно“, тврдејќи дека Пајк била боцкана со игла дури седум пати додека медицинскиот персонал не успевал да најде соодветна вена.
Според наводите во извештајот, Пајк за време на постапката рекла дека се плаши оти раката ќе „и пукне“ додека била врзана за масата за погубување.
Професорот на Медицинскиот факултет при Универзитетот Емори, д-р Џоел Зивот, кој го следи случајот, се сомнева дека пентобарбиталот не бил правилно вбризган во крвотокот, туку завршил во ткивото на раката.
„Многу е веројатно дека има сериозни изгореници на едната или на двете раце поради пентобарбиталот кој, како што очекувам, завршил во ткивото. Тоа ќе бара лекување одредено време. Исто така, можно е нејзиното срце сега да е ослабено“, рече Зивот.
Тој за Би-Би-Си оцени и дека е можно доцнењето со реанимацијата да оставило сериозни последици.
„Многу е можно, поради доцнењето со почетокот на реанимацијата, да има оштетување на мозокот“, рече тој.
Спајви го повика гувернерот на Тенеси, Бил Ли, да ја преиначи смртната казна на Криста Пајк во доживотен затвор, тврдејќи дека таа веќе претрпела казна „поголема од кое било друго лице во историјата на американската смртна казна“.
Гувернерот сè уште нема донесено одлука за нејзиниот случај, но сите погубувања во Тенеси се суспендирани до крајот на годината, додека трае независната истрага за тоа што се случило.
Ова е веќе вторпат оваа година властите во Тенеси да не успеат да извршат смртна казна. Погубувањето на Тони Карутерс во мај беше запрено откако персоналот не успеа да воспостави потребен интравенски пристап.
Пајк во 1996 година беше осудена на смрт поради убиството на 19-годишната Колин Слемер. Имала 18 години кога на 12 јануари 1995 година ја убила Слемер, која посетувала иста програма за стручна обука во Ноксвил.
Според наводите на обвинителството, Пајк верувала дека Слемер се обидува да ѝ го преземе тогашното момче, Тадарин Шип. Пајк и Шип ја намамиле девојката во шумска област, каде што ја тепале, мачеле и убиле. Во нападот биле употребени скалпел и големо парче асфалт, додека Шип врежал пентаграм на телото на жртвата.
Шип во времето на злосторството имал 17 години и бил осуден на доживотен затвор со можност за условен отпуст.
Пајк никогаш не негираше дека учествувала во убиството, но подоцна за себе рече дека тогаш била „ментално болна 18-годишна девојка“. Од затворањето во 1996 година, поминала 29 години во самица.
Случајот сега отвора сериозно правно прашање – може ли Тенеси повторно да се обиде да погуби лице кое веќе преживеало две дози смртоносна инјекција.
Протоколот на Тенеси предвидува давање втора серија лекови доколку затвореникот не почине по првата, но не прецизира што треба да се направи ако лицето ја преживее и втората доза.
Адвокатите на Криста Пајк веќе се обидуваат да спречат нов обид за погубување.
Со слично прашање Врховниот суд на САД се занимаваше уште во 1947 година, кога Вили Франсис преживеа обид за егзекуција на електрична столица во Луизијана поради дефект на опремата. Судот тогаш ѝ дозволи на државата повторно да се обиде со извршување на смртната казна, отфрлајќи ги тврдењата дека тоа би претставувало двојно казнување или сурова и необична казна.
Сепак, околностите во случајот на Криста Пајк би можеле повторно да го отворат прашањето до каде може да се применува тој преседан.






