Додека енергетската криза полека се стабилизира, македонските компании се соочуваат со нови, посуптилни, но поопасни предизвици кои доаѓаат од меѓународните пазари. Јаглеродната такса, квотите за извоз на метали и реорентирањето на Европа кон далечните пазари се новите точки на притисок врз домашната економија.
Во најновото гостување во емисијата „Топ Тема“ на телевизија Телма, универзитетската професорка Никица Мојсоска Блажевски направи детална анализа на моменталните економски текови, посочувајќи дека дефиницијата за „криза“ за македонскиот бизнис сектор еволуира.
Според професорката, иако падот на германската економија (како наш најголем трговски партнер) е сериозен фактор, компаниите во моментов чувствуваат многу посилен притисок од регулаторните промени во ЕУ. Една од клучните новини е т.н. „јаглеродна такса“.
„Јаглеродната такса мора да се плаќа на сите производи кои имаат голем негативен отпечаток врз околината во смисла на загадување. Ова, заедно со квотите што ЕУ ги воведе за извоз на производи од металната индустрија, претставува сериозен проблем за кој сè уште нема решение“, истакна Мојсоска Блажевски.
Таа додаде дека овие нови давачки и ограничувања во моментов ги притискаат компаниите многу повеќе отколку самата цена на енергенсите, која претходно беше главен извор на нестабилност.
Анализата на теренот покажува дека одредени сектори веќе се подготвуваат за потешки времиња. Во делот на рудниците, професорката посочува дека е планирано пониско производство за првите месеци од годината. Иако ова не предизвикало првичен голем аларм кај јавноста, вистинската загриженост лежи во системските промени – даноците за јаглерод и строгите увозни квоти на европскиот пазар.
Еден од позагрижувачките трендови што ги нотира Мојсоска Блажевски е промената на стратегијата на европските компании. И покрај логистичките предизвици и зголемените трошоци за транспорт, Европа сè повеќе се свртува кон поевтини и подалечни пазари.
„Иако според економската логика имате поголеми транспортни трошоци и голема неизвесност (како што е затворањето на Суецкиот Канал), сепак се забележува свртување на Европа кон Африка и Далечниот Исток“, вели таа.
Овој тренд може дополнително да ја загрози позицијата на македонските извозници, кои традиционално се потпираат на близината до европскиот пазар како своја конкурентска предност.








