HomeМакедонијаМладите на нишан на онлајн радикализацијата – државата носи нов закон

Младите на нишан на онлајн радикализацијата – државата носи нов закон

- Advertisement -spot_img

Македонија не е изолирана од растечкиот тренд на онлајн радикализација што ја зафаќа Европа и регионот, а новиот закон што се подготвува треба да воспостави тенок баланс меѓу безбедноста и заштитата на човековите права. Ова беше една од клучните пораки од тркалезната маса на тема „Онлајн радикализацијата како безбедносен предизвик“, каде експертите предупредија дека дигиталниот простор станува сè поважен канал за ширење екстремистички идеи, но не и единствениот.

Вештачката интелигенција, социјалните мрежи и криптопазарот значително го олеснуваат процесот на врбување, особено кај младите, но искуството покажува дека радикализацијата најчесто започнува со директен контакт „лице в лице“, а потоа се продлабочува преку затворени и шифрирани онлајн групи. Иако има индикации за присуство на екстремистички влијанија во одредени социјални средини, како гејминг заедниците, засега нема потврдени случаи на регрутација преку онлајн игри во земјава.

Националниот координатор Павле Трајанов предупреди дека заканата не доаѓа само од идеолошки структури, туку и од нивната поврзаност со организираниот криминал.

„Сѐ повеќе информации укажуваат дека терористите сакаат да ги користат криминалните групи за извршување насилни активности“, рече тој, посочувајќи дека во последните две години се откриени 14 нарко-групи.

Нов закон за нова реалност

Токму ваквите ризици се дел од причините поради кои државата подготвува Закон за следење и спречување на радикализација и насилен екстремизам, кој треба да биде донесен до крајот на годината. Законот, како што беше најавено, ќе предвиди и формирање специјализирана единица, но и механизми за постапување со онлајн содржини, без да се наруши слободата на изразување.

„Во некои европски земји содржините се отстрануваат во рок од два часа, но кај нас тоа отвора сериозни прашања за човековите права. Затоа прво мора да се постави јасна законска рамка“, истакна Трајанов.

Иако безбедносните проценки ја оценуваат состојбата како стабилна и ризикот од терористички напади како низок, последните случаи покажуваат дека заканата е сепак присутна. На почетокот на 2025 година, полицијата разби терористичка ќелија во Скопје и Гостивар, при што беа уапсени лица осомничени за ширење пропаганда на ИСИС преку затворени онлајн канали и регрутација на нови членови. Според истрагата, групата планирала напади врз јавни објекти, а при претресите биле пронајдени оружје и дигитална опрема.

Слични активности беа регистрирани и во изминатиот период, вклучително и случаи на лица поврзани со радикални структури кои набавувале оружје и одржувале комуникација преку криптирани апликации. Уште во претходните години, безбедносните служби откриваа групи составени од поранешни странски борци кои по враќањето во земјата повторно се организирале, што дополнително ја потенцира долгорочната природа на овој ризик.

Дополнителен аларм беше и бранот на лажни дојави за бомби во 2023 година, кога стотици училишта и институции беа евакуирани. Иако станува збор за различен тип закана, случајот покажа колку интернетот може лесно да се злоупотреби за ширење паника и дестабилизација.

Од социјални мрежи до оружје: како се радикализираат младите

Експертите предупредуваат дека радикализацијата е процес кој трае со години и сè почесто го зафаќа помладиот дел од населението. Според безбедносниот аналитичар Бобан Стојановски, во последните две години имало неколку обиди за терористички напади подготвувани од млади лица, родени кон крајот на 1990-тите и почетокот на 2000-тите, што укажува на поместување на старосната граница.

Во регионален контекст, Западен Балкан и натаму се смета за чувствителна зона. Се проценува дека околу 150 граѓани од Македонија во изминатата деценија заминале на странски боишта во Сирија и Ирак, додека дел од нив се вратени и остануваат безбедносен предизвик за институциите. Европските податоци покажуваат дека во голем дел од истрагите за тероризам, онлајн комуникацијата има клучна улога, а социјалните мрежи се меѓу главните канали за ширење радикални наративи.

Судската практика, пак, предупредува дека линијата меѓу слободата на говор и казниво однесување е тенка.

„Демократското општество мора да толерира и контроверзни ставови, сè додека тие не повикуваат на насилство. Но, државата има обврска да реагира кога тие граници ќе се надминат“, истакна судијката Софија Гаврилова Ефремова.

Подготовката на законот е дел од пошироките обврски што Македонија ги има во рамки на соработката со Европската Унија, каде се предвидува координиран одговор на радикализацијата и тероризмот. Во тек е изработка и на нов Акциски план и Патоказ за периодот 2026–2030.

Иако ризикот во моментов се оценува како низок, експертите се согласни дека токму превенцијата е клучна. Новиот закон треба да овозможи рано препознавање на заканите и поефикасна институционална реакција – пред радикалните идеи од онлајн просторот да се претворат во реална безбедносна закана. (П.А.)

- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
Најчитани
- Advertisement -spot_img
Stay Connected
10,404FansLike
61,453SubscribersSubscribe
- Advertisement -spot_img
Поврзани вести
- Advertisement -spot_img