Meta, матичната компанија на Facebook, Instagram и WhatsApp, официјално ги извести своите вработени дека ќе отпушти приближно 10 проценти од глобалната работна сила, што значи околу 8.000 работни места. Веста ја пренесе Bloomberg, а беше потврдена и од самата компанија.
Отпуштањата ќе стапат на сила на 20 мај 2026 година, а паралелно со тоа, Meta ќе откаже уште 6.000 отворени работни позиции кои планираше да ги пополни.
Меморандум со тежок тон
Веста беше соопштена преку внатрешен меморандум напишан од Џенел Гејл, главна директорка за кадровски работи во Мета. Според CNN, Гејл на вработените им напишала дека тоа е дел од „продолжен напор компанијата да функционира поефикасно и да ни овозможи да ги компензираме другите инвестиции што ги правиме“.
„Ова не е лесен компромис и ќе значи пуштање на луѓе кои оствариле значајни придонеси за Мета за време на нивниот престој овде“, се наведува во меморандумот. Гејл дополнително за Fox Business напишала дека иако известувањето ги става вработените во непријатна состојба, раководството смета дека „ова е најдобриот пат напред, со оглед на околностите”.
Засегнатите вработени во САД ќе добијат отпремнина од 16 недели основна плата, плус по две седмици за секоја година стаж, како и 18 месеци здравствено осигурување. Пакетите за вработените надвор од САД ќе бидат слични.
Милијарди за ВИ, отпуштања за вработените
Клучниот контекст на овие отпуштања лежи во агресивните инвестиции на Meta во вештачка интелигенција. Компанијата потроши 72,2 милијарди долари на капитални инвестиции во 2025 година, главно за податочни центри и друга ВИ инфраструктура. Тој износ се проектира да се искачи на најмалку 115 милијарди долари во 2026, а според одредени анализи како онаа на SiliconANGLE, може да достигне и 135 милијарди долари.
Ова е драстично зголемување на трошоците кои практично го удвојуваат буџетот од претходната година, со јасна порака: парите што се заштедуваат преку отпуштањата одат директно во силициумски чипови, податочни центри и врвни ВИ кадри.
Извршниот директор на Meta, Марк Закерберг, во јануари оваа година на телефонскиот повик со аналитичарите по објавата на финансиските резултати, ја најави промената што следеше. „2026 година е годината во која вештачката интелигенција почнува драматично да го менува начинот на кој работиме“, изјави тој. „Почнуваме да гледаме проекти кои порано бараа големи тимови, сега да ги завршува една многу талентирана личност“.
Реорганизација во „ВИ подови”
Според извештајот на The Next Web, отпуштањата се структурни, а не базирани на перформанси, што значи дека Meta не ги отстранува „лошите” вработени, туку целосно ги реструктурира тимовите. Компанијата го реорганизира остатокот од персоналот во таканаречени „ВИ-фокусирани подови” и префрла инженери од различни делови на бизнисот во организацијата за применета вештачка интелигенција.
Ова е третиот бран отпуштања во Meta оваа година. Првиот се случи во јануари, кога беа отпуштени околу 1.500 луѓе од единицата Reality Labs, што претставува 10 проценти од нејзината работна сила, и беа затворени четири внатрешни студија за виртуелна реалност. Во март, компанијата отпушти уште 700 луѓе низ Reality Labs, Фејсбук, секторот за регрутирање, продажба и глобални операции.
Со оглед на глобалната работна сила на Meta од 78.865 вработени на крајот на 2025 година, новите отпуштања ќе ја приближат компанијата до нивоата на персонал од пред Ковид-19 пандемијата. Според The Next Web, ако се материјализираат најавите за дополнителни отпуштања во втората половина на годината, Meta би можела вкупно да отстрани околу 20 проценти од својата работна сила од почетокот на 2026.
Пошироката индустриска слика
Meta не е сама во оваа трка. Истиот ден кога беше објавена веста за отпуштањата, Microsoft понуди доброволно пензионирање на околу 8.750 вработени или 7 проценти од работната сила во САД. До сега во 2026 година во технолошкиот сектор се отпуштени околу 95.000 работници, предводени од Oracle со 30.000 отпуштени и Amazon со 16.000 елиминирани работни позиции во јануари.
Аналитичарите проценуваат дека близу половината од овие отпуштања се директно припишливи на автоматизација предводена од вештачка интелигенција. Block, финтек компанијата на Џек Дорси, во февруари објави отпуштање на 40 проценти од својата работна сила, што беше придружено со остра порака дека и други компании ќе го следат овој пат.
Интересен е и податокот дека Meta вработените ги охрабрува да користат ВИ агенти за да пишуваат код и да извршуваат други задачи. Според CNBC, компанијата неодамна им откри на вработените дека користи нова алатка за следење наречена Model Capability Initiative, наменета за собирање податоци од вработените додека работат, со цел да се тренираат ВИ системи кои ќе ги реплицираат човечките работни шеми.
Пазарната реакција и што следува
Акциите на Meta паднаа за повеќе од 2 проценти во четвртокот попладне по објавата, што укажува дека инвеститорите остануваат претпазливи во однос на балансот помеѓу намалувањето на трошоците и агресивното трошење за ВИ.
Закерберг јасно ја дефинира оваа постапка како стратегија за паралелно намалување на структурните трошоци и зголемување на капацитетот за ВИ. Meta ова го прави во момент кога сè уште заостанува зад OpenAI, Google и Anthropic во генеративната вештачка интелигенција, и покрај скапото купување на таленти како Александар Ванг од Scale AI, и аквизициите на ВИ стартапи Moltbook и Manus.
Во пошироката дебата за влијанието на вештачката интелигенција на пазарот на трудот, отпуштањата на Meta се една од најјасните индикации до сега дека технолошките гиганти активно ги преориентираат своите организации околу ветувањата на ВИ, без да чекаат на сигурно докажување на продуктивните добивки.
За вработените во Meta и пошироката технолошка индустрија, пораката е јасна: улогите што порано бараа тимови сега се очекува да ги извршуваат помали групи поддржани од ВИ агенти, а оние што нема да се прилагодат ризикуваат да станат вишок во следниот бран оптимизации.








