Најголемата вредност за ВМРО-ДПМНЕ изминативе 36 години е што ја црпи силата од народот и граѓаните кои веруваат во исти идеи, принципи и вредности – независна, самостојна, просперитетна и европска Македонија. Како политичка партија изминативе години имавме големи предизвици, и тешки и убави моменти, но покажавме дека само обединети и единствени можеме да носиме победи за Македонија. Ова го истакна портпаролката на Владата и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева, пред почетокот на одбележувањето на 36 години од формирањето на партијата.
Прашана за согледувањето на досегашниот владин мандат, таа потенцираше дека пред околу две години граѓаните не гласале само за промена на власта, туку за промени во принципите на владеење и во системите. Според неа, разликите и напредокот се големи, со видливи резултати во повеќе сфери.
– Можам да издвојам делови во делот на економијата, каде што навистина покажуваме солидни, одлични резултати веќе седум квартали по ред. Забрзано работиме на подобрување на патната инфраструктура и во овој момент имаме пет автопати коишто истовремено се градат. Навистина се грижиме за зголемување на инвестициите, за бизнисот, за подобрување на животниот стандард – рече Митева.
Дали и на кој начин би бил забрзан патот кон евроинтегративниот процес на Македонија, портпаролката на Владата подвлече дека ВМРО-ДПМНЕ има конзистентен став и од позиција на опозиција и сега како владејачка партија.
– Разбирам дека тоа е едно од најглавните прашања коишто и јавноста, но и граѓаните очекуваат одговори. Но она што е клучно е што ВМРО-ДПМНЕ и од позиција на опозиција, но и сега како владејачка партија, има еден конзистентен став, а тоа е дека мора да водиме дипломатија со интегритет. Мора да размислуваме пред и над сè за интересите на македонскиот народ, за македонските граѓани, за македонската држава, да ги штитиме, да работиме за подобро утре. Но, сето тоа мораме да го направиме преку еден дијалог за којшто сме спремни да го водиме и да продолжиме напред заедно со граѓаните – подвлече Митева.
Според неа, уназадувањето на државата во изминатите седум години не дозволува да се оди со побрзи чекори напред, но дека чекорите што се прават се сигурни, стабилни и ја носат државата во правилна насока.
Во однос на годинашното мото „Македонија забрзува – наша обврска“, Митева појасни дека тоа е јасна порака дека имаат капацитет и знаат како да ги води процесите, посочувајќи го економското стабилизирање како најголем досегашен успех.
– Ова не е нешто за коешто ние можеме да ветиме дека ќе ги подобриме состојбите од денес за утре, но е нешто во коешто имаме јасна цел, јасен план и така и ќе продолжиме – рече Митева.
Упатувајќи ја главната порака по повод 36-годишнината, Митева изрази благодарност до секој кој верувал во идејата и бил дел од ова патување, порачувајќи дека се подготвени за нови генерации и нови победи, затоа што „Македонија забрзува и Македонија победува“.








