Скопје, 15 јули – Премиерот Христијан Мицкоски порача дека Владата има јасен мандат до пролетта 2028 година и дека нејзиниот фокус останува на реализација на програмските цели, коментирајќи ги барањата на опозицијата за предвремени парламентарни избори.
„Опозицијата е оптеретена бидејќи често пати кај нив Фројд работи и тоа е нивен најголем проблем. Мојот став е јасен, оваа Влада има мандат до пролетта 2028 година. Ние сме фокусирани на тој мандат да го испорачаме она кое граѓаните го очекуваат од нас. Но, се разбира, доколку сме предизвикани, ние сме тука, подготвени сме да одговориме на тој предизвик“, изјави Мицкоски.
Со оваа изјава премиерот уште еднаш ја повтори позицијата на Владата дека нема намера да иницира предвремени парламентарни избори и дека владината коалиција останува посветена на исполнување на четиригодишниот мандат.
Воедно, Мицкоски испрати порака дека владејачкото мнозинство е подготвено и за евентуален изборен предизвик, доколку дојде до таква политичка ситуација.






