Денеска се одржа конститутивната седница на Националниот совет за финансиски истраги и конфискација на имот, кој, како што истакна премиерот Христијан Мицкоски, не е формалност, туку јасна порака дека државата застанува цврсто, системски и бескомпромисно против криминалот и корупцијата.
„Оваа Влада ја започна борбата против криминалот и корупцијата не со декларации, туку со дела. Во моментов повеќе од 50 предмети за висока корупција се во постапка, случаи кои со години биле затскриени, одложувани или игнорирани. Но ова не е крај, туку почеток. Очекуваме отворање на нови случаи, темелни истраги и резултати што ќе ја вратат довербата на граѓаните во државата и институциите“, нагласи Мицкоски.
Премиерот потенцира дека во борбата против корупцијата нема селективна правда, ниту недопирливи: „Украденото мора да се врати кај народот. Денес поставуваме темели на систем во кој правдата не е декларација, туку пракса, а борбата против корупцијата не е политички слоган, туку државна политика. Институциите треба да работат во интерес на граѓаните, а не во заштита на поединци.“
Мицкоски додаде дека ова е борба за правна држава, доверба и достоинство на граѓаните и дека Владата нема да отстапи од овој пат.









