Не бараме полесен пат, бараме пат уреден со правила – мала држава има право на исто достоинство и ист глас како големите сили, кажа премиерот, Христијан Мицкоски, во обраќањето пред Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк.
„Македонските граѓани знаат каде припаѓаат. Ние сме сојузник во НАТО. Соединетите Американски Држави се наш стратешки партнер. Полноправното членство во Европската Унија е наша стратешка определба.
Тоа не се три одвоени политики. Тоа е една геополитичка ориентација, втемелена врз демократијата, колективната безбедност, владеењето на правото и отворената економија. Во време на неизвесност, нашиот одговор не е стратешка двосмисленост. Нашиот одговор е јасност. Но јасноста во нашите сојузи не значи вртење грб на светот. Напротив. Токму држава што е сигурна во своите демократски и стратешки избори може со поголема самодоверба да разговара и да соработува со земји кои имаат поинаква историја, поинакви интереси и поинакви политички погледи“, рече Мицкоски.
Нашата историја, додаде тој, нѐ научи дека меѓународните компромиси се многу тешки и дека мирот, стабилноста и интеграцијата бараат политичка храброст и големи жртви.
„И без намера да звучам поучувачки, ако некој сака да види пример за земја што повеќепати се откажувала од нешто што природно ѝ припаѓа како основно право- нешто што многумина го земаат здраво за готово- доволно е да погледне во поновата историја на мојата нација. Историја обележана со предизвици, со безбедносни ризици од регионални размери, со постојани компромиси и отстапки направени во име на мирот, соработката и повисоките цели на интеграцијата- често по цена на нашето најосновно чувство за достоинство и правда.
Донесовме навистина тешки одлуки. Продолживме напред дури и кога процесите траеја подолго отколку една генерација граѓани можеше разумно да ги очекува“, рече Мицкоски.
Додаде дека ако од малите држави се очекува да ги почитуваат правилата, тогаш правилата мора и ним да им обезбедат предвидливост.
„Ако од кандидатите за членство во една организација се бара да исполнат одредени критериуми, тогаш исполнувањето на тие критериуми мора да води кон напредок. Ако бараме од граѓаните да им веруваат на институциите, тогаш институциите мора да покажат дека нивниот збор има вредност и дека преземените обврски траат. Правилото што важи денес не може утре да биде поинакво само затоа што се променил односот на силите. И една преземена обврска не може да биде привремена политичка погодност. Таа мора да биде основа врз која луѓето ќе можат да ја планираат својата иднина“, рече премиерот.
Не можеме да им велиме на луѓето „Верувајте им на правилата“, додаде тој, кога гледаат дека правилата не важат еднакво за сите.
„Не можеме да ги убедиме дека компромисот е доблест ако секој компромис носи ново барање. И не можеме да очекуваме доверба во меѓународните институции ако граѓаните почнат да веруваат дека нивната судбина почесто ја одредува политичката тежина на нивната држава отколку силата на заеднички прифатениот принцип. Ова е прашање на легитимитет“, рече Мицкоски.
Премиерот дека се очекува европската интеграција да остане процес заснован на заслуги и мерливи критериуми, а не процес во кој билатералните прашања постојано можат да ја поместуваат целта.
„Не бараме полесен пат. Бараме пат уреден со правила. Не бараме пониски стандарди. Бараме стандардите да останат стандарди. Ова е еднакво важно и за кредибилитетот на Европа, во време кога нејзината геополитичка тежина сѐ повеќе ќе зависи од способноста своите заложби да ги претвори во конкретни политички резултати, од решеноста да ги брани вредностите за кои се залага и да остане истрајна во нивното унапредување, и покрај многуте предизвици со кои се соочува“, рече Мицкоски.






