Премиерот Христијан Мицкоски соопшти дека на 15 јули до Европската Унија е доставен документ со целосно исполнети и означени обврски, со што, како што вели, уште еднаш покажавме дека реформскиот процес го водиме одговорно, транспарентно и со јасна посветеност кон исполнување на европската агенда.
– Уверен сум дека во динамиката на реализацијата ќе бидеме далеку пред многу други и покрај обидите процесот да биде забавен преку блокирањето на Изборниот законик. Нашата определба останува непроменета, реформите ќе продолжат, затоа што тие се во интерес на државата, институциите и граѓаните – напиша Мицкоски на својот Фејсбук-профил.
Воедно, премиерот информира дека попладнево ќе присуствува на одбележувањето на роденденот на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Битола.
– А вечерва ќе бидам дел од атмосферата на „Пиво-фест“ во Прилеп, каде што ќе имам можност да се сретнам и да разговарам со голем број граѓани. Продолжуваме посветено и забрзано за Македонија! – вели во објавата премиерот Мицкоски.






