Фото: Depositphotos
Официјалниот крај на Windows 10 се случи на 14 октомври минатата година, но сепак тоа не значеше вистински крај за овој доста популарен оперативен систем од Microsoft.
Компанијата реши да покрај на бизнис корисниците како обично, овој пат ја пушти програмата за продолжени безбедносни надградби и за приватните корисници. Со тоа едноставно се продолжи животниот век на Windows 10, па корисниците се што требаа да направат е да се приклучат на „ESU“ програмата и да ги синхронизираат своите поставки преку најава со Microsoft сметка.

Секако, тука е и можноста да се платат 30 долари, нешто што верувам дека повеќето корисниците се немаат одлучено да го направат, кога веќе им е достапна и бесплатна алтернатива.
Со оваа програма, Windows 10 продолжува да добива официјални безбедносни надградби од Microsoft, иако тие не вклучуваат нови функции.
Поддршката за приватните корисници требаше да заврши на 14 октомври оваа година, но од компанијата без посебна најава го продолжија овој рок за уште една дополнителна година, односно до 14 октомври 2027.
Корисниците кои веќе се приклучени на програмата не треба да направат ништо, па само ќе продолжат да добиваат надградби, а тие кои се немаат приклучено, сега имаат доволно време да го направат истото.
Која е причината за оваа одлука, не е познато, а можеби истата е поврзана со фактот што сѐ уште огромен број на корисниците продолжуваат да го користат Windows 10.
Според информации од Dell при крајот на минатата година, 500 милиони корисници одлучуваат да не го надградат нивниот компјутер на Windows 11, што не е баш мала бројка.
Сега ситуацијата е нешто поразлична, па Windows 11 конечно има доста повеќе корисници од Windows 10, но тоа не значи дека бројките на Windows 10 се паднати на некое незначително ниво.
Како фактор изгледа треба да се земат и повисоките цени на меморијата, па доста корисници сигурно ќе го одложат купувањето на нов компјутер.








