Министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска ја обвини опозицијата дека шири паника и невистини околу функционирањето на државниот трезор и исплатите на парите кон институциите. Таа вели дека намерно се зборуваат невистини, иако СДСМ би требало да знае дека ништо не е променето во процедурите на работа на трезорот од времето кога и тие биле на власт.
„Тоа значи дека секоја една институција треба да ги достави до 15 – ти, заради тоа што понатаму нели треба да се организираме, да може да се следи исплатата заклучно со 31. декември. Тука морам да напоменам неколку работи кои што не сум ги вовела јас како министер за финансии, туку постојат од минатото. Најпрво има упатство кое што во Трезорот значи, дека налозите во Трезорот стојат по 15 дена додека се направат дополнителни проверки, да се види дали се соодветни расходните ставки, од каде се влече програми, подпрограми и така натаму.“, порача Гордана Димитриеска Кочоска.
Бидејќи се потребни проверки, а пред Нова Година се најголеми гужви, бил поставен рокот за достава на налозите. Што се однесува пак до послабата наплата на приходите во буџетот, Министерката вели дека треба да се стрпиме до крајот на годината па да сме виделе дали ќе има потфрлање во планираното за 2025 година.
„Пред неколку дена слушнавме една хистерична изјава дека 60 милијарди нема да се наплатат. Денес видете заклучно со петокот, ќе видите дека не е така. Првин ќе видите дека 315 милијарди денари до овој момент се наплатени, при тоа кажувам даночните календари како одат.“, вели Гордана Димитриеска Кочоска.
Таа вели дека до 10 во месецот се собира данокот на добивка, до 15 за личен доход, а до 25 во месецот Данокот на додадена вредност. Министерката очекува дека касата ќе се пополни и со даноците кои ќе се платата за јануарската плата, а која дел од фирмите ќе ја исплатат во декември, пред Нова Година. Исто така, Димитриеска – Кочоска истакна дека буџетот е ликвиден и дека нема ништо нема спорно од заемот од 30 милиони евра од една од комерцијалните банки. Таа исто така е исклучително задоволна од тоа што граѓаните купија државни обврзници во висина од 33 милиони евра. Инаку, во изминатите неколку дена СДСМ обвинуваше дека приходите во буџетот се многу слаби, недостигна една милијарда евра и дека на 15-ти декември, односно денеска трезорот ќе биде заклучен.








