Агресивниот поход на Meta во локалниот AI продолжува и сè повеќе наликува на трка кој прв ќе „влезе“ на вашиот локален диск.
Не поминаа ни десетина дена од најавата на Perplexity AI за Personal Computer, а веќе пристигнува нов конкурент: My Computer на Manus.
Manus: од независен стартап до сопственост на Meta
Manus, AI стартап кој на крајот од минатата година беше преземен од Meta, го објави својот одговор на трендот на локални AI агенти: систем наречен My Computer, кој се инсталира на Mac или Windows компјутер и ја презема улогата на личен AI асистент со пристап до локалниот фајл систем.
Името не е особено оригинално, што – со оглед на тоа дека Perplexity AI не се прослави со „Personal Computer“ – можеби веќе станува традиција во овој сегмент. Но зад името стои истиот основен концепт: AI агент кој не живее во прелистувач, туку на вашиот уред, со пристап до документи, апликации и локални ресурси.
Manus не е непознат во AI техносферата. Основан во Кина, а денес со седиште во Сингапур, стартапот привлече внимание со агенти кои автоматизираат посложени задачи како истражување, пишување извештаи и управување со датотеки. Како независна компанија, на крајот на 2025 беше преземен од Meta како дел од поагресивното позиционирање на пазарот на AI агенти.

Во истиот период, Meta го презеде и MoltBook – социјална мрежа за AI агенти, слична на OpenClaw – што ја покажува нивната стратегија: не само да развива сопствени модели, туку да купува цел екосистем на алатки што им овозможуваат на AI агентите да функционираат во реалниот свет. Истата стратегија Meta ја применуваше и претходно: Instagram, WhatsApp, Oculus.
Што всушност прави My Computer
Како и кај решението на Perplexity AI, основната идеја е AI агентот да добие пристап до локалниот компјутер – датотеки, апликации, календар, е-пошта – и автономно да извршува задачи наместо корисникот.
Клучната разлика од класичните AI асистенти во прелистувач е тоа што агентот не чека команда, туку може проактивно да реагира: да стартува апликации, да организира содржини и да испраќа потсетници
Технички, My Computer и понатаму се потпира на cloud обработка – локалниот дел е само мост до фајл системот. Приватноста е делумна: документите остануваат локално, но задачите се обработуваат преку моделите на Meta. Засега не е јасно дали се користат нивните Llama модели или надворешни.
Колку чини и што добивате
Manus Desktop апликацијата е бесплатна за преземање на macOS и Windows. Но тука завршува бесплатниот дел.
Апликацијата работи со систем на кредити: секоја задача троши кредити, бесплатниот план има ограничен број кредити и Pro планот започнува од околу 20 долари месечно
Овој модел е типичен за cloud AI услуги: софтверот е бесплатен, но користењето се плаќа.
Во споредба, Personal Computer на Perplexity AI чини околу 200 долари месечно со задолжителна Max претплата, што го прави Manus попристапен – барем на хартија. Но компромисот е ист: обработката се случува на туѓи сервери, а локалниот компјутер е само извршен слој.
Дали вреди да се следи овој тренд?
Логично прашање е: зошто некој би користел My Computer кога постојат бесплатни алатки како Ollama, Open WebUI и AnythingLLM?
Одговорот е едноставноста.
Овие комерцијални решенија не се наменети за напредни корисници со сопствен „homelab“, туку за поширока публика која сака резултати без конфигурација, терминал и API клучеви.

Meta гради екосистем, не само производ
Поважно од самиот My Computer е пошироката стратегија на Meta.
Комбинацијата од аквизиција на Manus, аквизиција на MoltBook, open-source Llama моделите и инвестициите во агенти покажува обид за создавање цел екосистем каде AI агентите ќе можат да: комуницираат, користат алатки i управуваат со ресурси
OpenClaw останува референтна точка во овој сегмент, но додека тој гради од нула, Meta купува готови делови и ги интегрира во поголема архитектура.
Заклучок
Во 2026 година, просторот за локални AI агенти станува сè поконкурентен. Во следните една до две години ќе стане јасно кој навистина нуди вредност, а кој само добро звучи во PR соопштенија.
За корисниците, клучниот фактор нема да биде цената – туку едно прашање: колку ви пречи тоа што вашите фајлови, команди и работни процеси минуваат низ туѓ cloud.








