Двајца мажи се тешко повредени во сообраќајна несреќа што се случила ноќеска на автопатот „Пријателство“, во близина на скопското село Трубарево, откако автомобил „мерцедес“ излетал од коловозот и завршил во дворот на семејна куќа.
Според информациите од МВР, несреќата била пријавена во 1:10 часот. Автомобилот со скопски регистарски ознаки го управувал 33-годишен жител на селото Батинци, кој изгубил контрола над возилото.
Во несреќата тешки телесни повреди добиле возачот и неговиот 39-годишен сопатник од Скопје. Повредите биле констатирани во Ургентниот центар при Клиничкиот центар „Мајка Тереза“.
На местото на несреќата бил извршен увид од екипа на СВР Скопје.






