Германскиот канцелар и лидер на Христијанско-демократската унија (CDU), Фридрих Мерц, призна дека убедливата победа на Алтернатива за Германија (AfD) на изборите во Саксонија-Анхалт претставува сериозен удар за неговата партија.
На затворен состанок на раководството на CDU, Мерц изјавил дека партијата е „потресена до срж“ и дека изборниот резултат не смее да биде игнориран.
AfD освои околу 44 проценти од гласовите, додека CDU забележа значителен пад во однос на изборите од пред пет години. Според Мерц, резултатот покажува дека CDU не успеала да воспостави доволно силна „емотивна врска“ со гласачите во источниот дел на Германија.
„Не можеме едноставно да продолжиме како ништо да не се случило. Ова важи и за сојузната влада“, истакнал германскиот канцелар.
Мерц посочил и дека особено загрижува фактот што AfD успеала да привлече голем број граѓани кои претходно воопшто не излегувале на избори.
И покрај изборниот успех на AfD, Мерц категорично ја отфрли можноста за каква било политичка соработка со партијата.
„Тоа е партија која сака да ја уништи CDU и затоа секаков облик на соработка со неа е невозможен“, рекол Мерц.






