Додека Европската Унија го забрзува процесот на проширување, со конкретен напредок на Црна Гора, Албанија, Украина и Молдавија, Северна Македонија и натаму останува заглавена во политичките блокади на својот евроинтеграциски пат. Последните одлуки во Брисел покажуваат дека проширувањето повторно добива силно геополитичко значење, но и дека државите кандидати не напредуваат со исто темпо.
„Европската Унија не е затворен клуб. Таа е отворена за сите европски држави што ги исполнуваат условите за членство“, порача германскиот канцелар Фридрих Мерц на 16 октомври, по завршувањето на Европскиот совет во Брисел.
Неговата изјава доаѓа само две недели по посетата на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на Скопје, каде што таа повторно укажа дека за отворање на првиот преговарачки кластер останува да се исполни договорената обврска за уставните измени.
Пораките од Брисел добиваат особена тежина во контекст на политичката реторика во Северна Македонија. Само еден ден пред изјавата на Мерц, премиерот Христијан Мицкоски, во интервју за ТВ21, тврдеше дека „ние сме вистинскиот фронтранер“ и дека земјата „фуриозно“ ќе напредува штом ќе се одблокира процесот. Како што беше посочено во анализата на ЦИВИЛ МЕДИА од 17 октомври, ваквите тврдења се во очигледен расчекор со фактичката состојба: Црна Гора и Албанија напредуваат во преговорите, додека Северна Македонија сè уште не го отворила првиот преговарачки кластер.






