Министрите за финансии од Хрватска, Бугарија, Унгарија, Полска, Романија, Словачка, Словенија и Северна Македонија потпишаа Меморандум за соработка за развој и интеграција на пазарите на капитал во Централна и Југоисточна Европа.
Со овој чекор, регионот испраќа јасна порака дека заедничката соработка значи повеќе можности за инвеститорите, поатрактивни пазари и зајакнување на економијата преку иновации и инвестиции.
Според министерката за финансии, Гордана Димитриевска Кочоска, интеграцијата на регионалните пазари на капитал ќе донесе повеќе инвеститори, различни извори на финансирање и нови прекугранични партнерства, особено за малите и средни претпријатија. Таа нагласи дека оваа соработка не е само финансиска, туку претставува и зајакнување на довербата, транспарентноста и усогласеноста со европските стандарди, кои ја прават економијата посилна и поатрактивна.
„Особена благодарност до министерот за финансии и потпретседател на Владата на Хрватска, Марко Приморац, кој ја иницираше оваа важна регионална соработка“, истакна Димитриевска Кочоска.
Со потпишувањето на меморандумот, земјите од регионот отвораат нова страница во економската интеграција и привлекувањето на странски инвестиции, што се очекува да придонесе за побрз економски раст и стабилност.








