Градоначалникот на Општина Чаир и копретседател на ВЛЕН, Изет Меџити, информираше дека извршил увид во градежните работи на кампусот на Универзитетот „Мајка Тереза“, при што изразил задоволство од динамиката со која се реализира проектот.
„Со задоволство одблиску видов дека работите напредуваат со добро темпо и дека овој проект секојдневно добива сè појасна форма. Станува збор за значајна инвестиција во образованието и во иднината на младите генерации“, истакна Меџити.
Тој нагласи дека изградбата на современ универзитетски кампус претставува важен чекор за унапредување на високото образование и создавање подобри услови за студентите и академскиот кадар.
Меџити порача дека институциите остануваат посветени на реализацијата на проектот, кој треба да придонесе за развојот на образованието и создавање нови можности за младите.
„Продолжуваме“, порача Меџити по увидот на терен.








