Компанијата на американскиот милијардер Илон Маск, „Неуралинк“, планира да започне со „масовно производство“ на уред за поврзување мозок-компјутер и да премине на целосно автоматизирана хируршка процедура до 2026 година, изјави Маск во објава на социјалната мрежа X.
Имплантот е дизајниран да им помогне на луѓето со состојби како што се повреди на ‘рбетниот мозок.
Првиот пациент го користел имплантот за играње видео игри, прелистување на интернет, објавување на социјалните медиуми и движење на курсорот на лаптоп.
Од регулаторни проблеми до тестирање врз луѓе
Neuralink започна со испитувања врз луѓе во 2024 година, откако ги реши загриженостите за безбедноста од страна на Американската администрација за храна и лекови (FDA). Регулаторот го отфрли првото барање на компанијата уште во 2022 година, што го одложи почетокот на клиничките испитувања.
Според информациите објавени од компанијата во септември, 12 лица ширум светот со тешка парализа веќе го примиле имплантот Neuralink. Тие во моментов користат уреди за контрола на дигитални алатки, но и одредени физички системи, директно преку мозочни сигнали.
Паралелно со клиничкиот напредок, Neuralink обезбеди 650 милиони долари нова инвестиција во јуни, што јасно покажува дека инвеститорите продолжуваат да веруваат во долгорочниот потенцијал на оваа технологија.







