Нема земја кандидат која добила гаранции од ЕУ дека во преговорите нема да се појави друг спор — тоа е реалноста која мора да се прифати.
Ваква порака испрати еврокомесарката за проширување Марта Кос во интервју за МИА, на еден ден пред посетата на Скопје. Во пресрет на утрешната тет а тет средба со Мицкоски, Кос денеска порача дека напредокот во преговорите бара клучен елемент – доверба меѓу членките и кандидатките и дека тоа е начинот на кој функционира Унијата. Марта Кос изјави дека Македонија покажала силни перформанси за реформската агенда и дека доаѓа во Скопје за како што вели – да ја охрабри владата во преговорите со ЕУ.
– Според моето искуство, таквата доверба првенствено се гради врз два елемента: исполнување на обврските и ставот на земјите кандидати кон ЕУ и нејзините земји членки. Ова почнува со добрососедски односи. Кога меѓусебната доверба расте, процесот на пристапување станува побезбеден. Убедена сум дека ова би било случај и за Северна Македонија . Вистината е дека ниедна земја кандидат никогаш не добила гаранција дека нема да се појави друг спор за време на процесот на пристапување сè до моментот кога последната земја-членка ќе го ратификува договорот за пристапување. Ова е начинот на кој функционира проширувањето на ЕУ. Важно е да се прифати оваа реалност, изјави Марта Кос.
Ако пораката за уставни измени е јасна – со каква опција за деблокада на евроинтеграциите останува македонската влада и колку европските тешкаши може да влијаат на промена на ставот на Скопје?
Според експертите – исцрпени се сите пораки од Брисел и јавно и билатерално и секое непреземање иницијатива ќе носи последици.
Ја советуваат владата да игра на картата на тн. паметни уставни измени.
– Секако проактивна дипломатија и намалување на токсичната атмосфера која што ја има во односите со Бугарија. И носењето на уставните измени – на паметни уставни измени, преку кои што внатрешно ќе се осигураме дека евентуални идни злоупотреби на преговарачкиот процес од страна на Бугарија, нема да бидат штетни по земјата. Секоја понатамошна непроактивност на темата – само ќе ни се удира од глава, изјави Трошановски.
Марта Кос денеска порача и дека Европската Комисија оваа есен ќе предложи нови начини за земјите кандидатки да се доближат до ЕУ пред пристапувањето. Но сепак изјави дека приоритет во новите предлози ќе биде напредокот во преговорите со ЕУ – доколку го нема, постепената интеграција на кандидатките ќе биде ограничена.
Во меѓувреме во Брисел, веќе интензивно се работи на предлози за реформа на проширувањето чија основа се нон пејперот на Мерц и Макрон и документот на земјите Бенелукс. Експертите порачуваат – Македонија да не остане нем набљудувач.






