15.8 C
Skopje
12 November, 2025

Мапа

независен информативен портал
spot_img
HomeМакедонијаМаксим Димитриевски: Очекувам победи во Куманово и Центар, ЗНАМ набргу ќе стане...

Максим Димитриевски: Очекувам победи во Куманово и Центар, ЗНАМ набргу ќе стане втора политичка сила

- Advertisement -spot_img

ЗНАМ нема причина да изгуби ниту еден глас од минатите избори, затоа што никого не разочаравме. Ние сме автентичен политички субјект и сигурен сум дека нема да ја доживееме судбината на НСДП. На овие избори очекувам дефинитивно да се етаблираме како значаен политички фактор во државата кој во иднина нема да биде заобиколен за ниту едно поважно прашање. Во однос на политичките рангирања, не правам калкулации, ама очекувам ЗНАМ за многу брзо време да биде не трета, туку втора политичка сила во државата, вели во интервју за „Фокус“ лидерот на ЗНАМ и градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски, кој е кандидат за уште еден градоначалнички мандат.

Максим Димитриевски за првпат беше избран за градоначалник на Куманово на локалните избори во 2017 година како кандидат на СДСМ. Во следните години, дојдоа до израз разликите меѓу него и раководството на СДСМ, поради што на следните локални избори во 2021 година Димитриевски настапи самостојно и притоа успеа да победи во вториот изборен круг со поддршка на ВМРО-ДПМНЕ. Во меѓувреме, тој ја формираше политичката партија ЗНАМ, која по ланските парламентарни избори стана дел од Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, додека на претстојните локални избори Димитриевски ја бара довербата за трет градоначалнички мандат како заеднички кандидат на ЗНАМ и ВМРО. Во интервју за „Фокус“, говори за реализираните проекти, за изборната програма, за иднината на ЗНАМ…

Разговараше: Влатко СТОЈАНОВСКИ

ФОКУС: Што Ве мотивираше да влезете во изборен натпревар за трет последователен градоначалнички мандат во Куманово? Дали пресудни беа аргументи поврзани со реализација на агенда на локално ниво, или, пак, можеби друг тип на аргументи, повеќе поврзани со, условно кажано, високата политика, со оглед дека сте лидер на млада парламентарна политичка партија?

ДИМИТРИЕВСКИ: Клучно да ја прифатам кандидатурата беше фактот дека имам недовршена работа која сакам целосно да ја завршам, а тоа е Куманово конечно да го добие ликот каков што го замислувам на просперитетна, економски развиена и еколошки најчиста општина во државата. Во досегашните два мандати, со мојот тим во Куманово реализиравме над 800 проекти, со кои значително го подобривме квалитетот на живот во општината.

Сакам да продолжам и во наредните четири години, да ги довршам започнатите, но и да стартуваме многу нови проекти. Ветив и целосно реализираме една целина, а таа е Куманово да биде подобро место за живеење. Верувам во оваа моја визија и убеден сум дека успешно ќе ја реализираме.

Движењето ЗНАМ За наша Македонија е млад политички субјект, но за кратко време стана симбол на доверба, чесност и работа. Денес сме партија што има реална поддршка од народот и игра значајна улога на политичката сцена во државата. Зошто? Бидејќи секогаш стоиме зад зборот што сме го дале. Не ветуваме невозможно, реализираме ветено.

ЗНАМ нема причина да изгуби ниту еден глас од минатите избори, затоа што никого не разочаравме. Напротив, секојдневно ни се приклучуваат нови лица: интелектуалци, лекари, професори, инженери, уметници и многу млади луѓе кои веруваат дека промената почнува токму овде-дома, во Македонија.

Растеме со квалитет, со луѓе со чисти намери, визија и срце за подобро утре. Погледнете ги нашите листи низ целата држава – луѓе со интегритет, докажани професионалци и вистински патриоти кои ја градат иднината на земјата со дело, не со збор. Во ЗНАМ, секој човек има своја вредност. Секој човек е инспирација. И токму затоа ЗНАМ расте со народот.

ФОКУС: Колку сте задоволен од тоа што го постигнавте во изминатиот мандат? Кои реализирани стратешки цели и програмски ветувања би ги издвоиле, а кои не успеавте да ги реализирате и кои беа причините?

ДИМИТРИЕВСКИ: Можам да бидам горд за над 800 реализирани проекти. Нема да речам дека сум сто отсто задоволен. Секогаш може повеќе и подобро и затоа потенцирам дека имам недовршена работа.

Што се однесува до стратешките цели, најпрво финансиски ја стабилизиравме општината и од најзадолжена, сега е меѓу најстабилните. Ќе наведам неколку клучни реализирани потфати.

Од темел ја реконструиравме спортската сала според ФИБА стандардите. Го менуваме ликот на култната Соколана, која повторно ќе биде гордост на градот. Нов покрив, уреден паркинг, се работи на внатрешната реконструкција. Соколанскиот парк веќе доби целосно нов лик.

Нашиот најстар парк-Градскиот парк е вистинско катче за сите рекреативци, со нова тартан и велосипедска патека, реконструирано спортско игралиште и нова урбана опрема. Ги засукавме ракавите и започнавме темелна реконструкција на плоштадот Маршал Тито. Тоа е лицето на градот и ќе добие нов изглед.

Реализиравме над 140 проекти во образованието, десетици зафати во сообраќајната, гасоводната, водоводната инфраструктура, со која видливо ги проширивме нејзините капацитети. Изградивме нови кружни текови, засадивме илјадници нови садници, постојано ги чистевме дивите депонии и речните корита.

Ние сме општина во која секој еден е вреден. Затоа имаме бесплатен јавен превоз за сите.

Куманово има најголеми странски инвестиции. Европскиот гигант Лидл ја почнува својата приказна во Македонија од кај нас, со изградба на огромен логистички центар со над 150 нови вработувања и со дополнителни вложувања во продажната мрежа.

Во индустриската зона Новина и Речици веќе функционираат и други инвестиции со кои ја враќаме надежта за економски просперитет и ги мотивираме младите да останат.

ФОКУС: Кои се главните проекти со кои сега по третпат ја барате довербата на жителите на Куманово? Како го гледате градот за 4 години отсега?

ДИМИТРИЕВСКИ: За четири години отсега Куманово го гледам како град со комплетно реконструирани булевари, пешачки патеки, паркови и зеленила, повеќе паркинг места, три нови детски градинки, спортски објекти и игралишта, бесплатен автобуски превоз. Нов имиџ на градот со повеќе простор за културни настани. Вложувања и економски инвестиции со кои ќе се отворат илјадници нови работни места.

Мојата главна цел е младите да го почувстувуваат Куманово како место во кое би ја граделе својата иднина и да одлучат да останат тука наместо да ја бараат среќата „преку граница“. Посакувам до крајот на оваа декада и Средорек, кое во Куманово е познато како ромско маало, да стане целосно урбанизирано место за живеење. Како и досега, заедно со мојот тим деноноќно ќе работиме за остварување на ветеното пред нашите сограѓани.

ФОКУС: Каков резултат очекувате во Куманово? Ако загубите, како тоа ќе влијание врз вашето идно делување и како тоа ќе се одрази и врз политичката партија ЗНАМ? Многу често се прави компарација меѓу ЗНАМ и НСДП, која, исто така, имаше солиден резултат на првите избори на кои настапи, но доживеа пад откако влезе во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, па, според Вас, колку држи оваа споредба?

ДИМИТРИЕВСКИ: Во Куманово ќе имаме убедлива победа. Верувам затоа што испорачавме резултати, сработивме многу и покажавме политичка доблест. Јас не сум човек кој лесно се откажува или како што ме доживуваат моите соработници како фајтер, динамичен, човек кој буквално никогаш не бега од она што го ветил и зацртал. Врз основа на тие принципи делувам и затоа сум уверен во победа во Куманово.

Што се однесува до Движењето ЗНАМ, ние сме автентичен политички субјект и сигурен сум дека нема да ја доживееме судбината на НСДП. Со нашите политики, со преземените чекори досега покажавме дека си стоиме на зборот што сме го дале. Оттука, нема причина никој во ЗНАМ да стравува што ќе се случи на овие избори. Ние и по нив остануваме стабилен партнер во Владата, а со нашите советнички листи ќе бидеме значаен фактор во креирањето политики и на локално ниво.

ФОКУС: Какво мислење имате за вашиот противкандидат од СДСМ Мартин Костовски, со кого порано бевте сопартијци во СДСМ? Тој доби поддршка од поранешниот градоначалник на Куманово, Зоран Дамјановски, кој во меѓувреме имаше еден јавен настап, при што упати порака дека Бранко Црвенковски не стои позади ЗНАМ. Како го толкувате и коментирате сето тоа?

ДИМИТРИЕВСКИ: Со Мартин Костовски се познаваме долги години, пред сè затоа што живееме во ист град, а едно време бевме и сопартијци. Не би навлегувал во анализи на Костовски, тој е еден од моите противкандидати, но јас сум фокусиран на нашата работа и нашата програма.

Што се однесува до коментирате и шпекулациите дека поранешниот претседател Бранко Црвенковски стои зад ЗНАМ, ќе повторам дека ние сме автентичен и независен политички субјект со своја идеологија. Политички субјект кој расте од ден на ден и привлекува сè поголем број приврзаници и членови, меѓу кои има видни поединци од различни области.

ФОКУС: Вкупно, има осум кандидатури за градоначалник на Куманово, од кои двајца кандидати настапуваат како независни. Еден од нив е Горан Стојковски, кој работи во Општина Куманово и бил директор на кумановски Водовод. Оттука, ако има втор изборен круг, како очекувате да се распоредат гласовите што би ги освоиле кандидатите што нема да влезат во втор круг? И второ, што мислите за независните кандидатури, пред се за онаа на Стојковски – дали таа е реално независна или е во функција на одредена политичка цел и изборна математика?

ДИМИТРИЕВСКИ: На сите мои противкандидати им посакувам среќа во изборната трка, но таа нема да им биде доволна за да стигнат пред мене на целта. Јас очекувам победа и во првиот, а ако дојде до втор круг, и во вториот изборен круг.

Граѓаните на Куманово се свесни и имаат силни демократски вредности така што никој нема право да калкулира со нивната волја. Ќе гласаат по сопствено убедување, а јас сум уверен дека мнозинството од нив го препознаваат и ќе го потврдат она што е сработено во изминатите осум години, како и мојата визија Куманово да продолжи да се менува и во наредните четири години.

ФОКУС: На овие локални избори, ќе настапите со свои советнички листи, но ќе соработувате со ВМРО-ДПМНЕ во делот на избор на градоначалници, а овој договор подразбира ВМРО-ДПМНЕ да ве поддржи Вас во Куманово и вашиот кандидат за градоначалник на Центар. Колку сте задоволен од овој договор со ВМРО-ДПМНЕ? Дали имавте амбиции заедно да застанете зад Ваш кандидат и во други општини и зошто не беше постигнат таков договор?

ДИМИТРИЕВСКИ: Ние едвај ги чекаме овие избори бидејќи нашата цел не е само да учествуваме туку да го потврдиме статусот на државотворна партија што ЗНАМ го има кај граѓаните и да преземеме одговорност за сето она што го ветуваме.

Нашите теренски сондажи потврдија дека најизгледни шанси да победиме во градоначалничката трка се Куманово и Центар. Внимавајте, не станува збор за кои било општини, туку за најголематата општина во државата и за општината што е срце на македонската метропола.

Кога голема партија како ВМРО ДПМНЕ, која е носител на власта во државата, дава поддршка на ваши кандидати во две клучни општини, тоа доволно говори за значењето и улогата на ЗНАМ. Со други зборови, тоа покажува дека кандидатите на ЗНАМ се вистинските.

Наш кандидат за градоначалник на Центар е Мирослав Лабудовиќ, човек со големо професионално искуство во приватниот сектор, роден центарец, кој искрено сака да придонесе за подобар, поубав, почист и позелен Центар. Јас сум убеден дека граѓаните ќе го препознаат тоа.

Што се однесува до договорот со ВМРО ДПМНЕ, тој е принципиелен – ние им даваме поддршка секаде каде што имаат кандидати за градоначалници, тие ни даваат поддршка во Куманово и Центар.

Настапот на изборите за советници е самостоен, и јас очекувам нашите кандидатски листи, кои се составени од вредни и докажани професионалци, да добијат голема поддршка од граѓаните.

ФОКУС: Колку гласови очекувате да освои ЗНАМ на советничките листи и која е вашата проектирана цел на овие избори – дали сакате да се профилирате како трета партија на политичката сцена во македонскиот блок, за што аспирации има и Левица? На претходните двојни избори, Вие освоивте повеќе гласови од кандидатот за претседател на Левица, но ЗНАМ освои помалку гласови од Левица на парламентарните избори…

ДИМИТРИЕВСКИ: На овие избори очекувам Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, дефинитивно да се етаблира како значаен политички фактор во државата кој во иднина нема да биде заобиколен за ниту едно поважно прашање.

Ние не ја доживуваме нашата политичка приказна како трка на сто метри, туку како маратон. Ја градиме трпеливо, но сигурно и врз основа на строги принципи и правила.

Во ЗНАМ нема место за политички лешинари, туку само за луѓе кои се подготвени да работат за доброто на државата и заедницата од која доаѓаат.

А, во однос на политичките рангирања, не правам калкулации, ама очекувам ЗНАМ за многу брзо време да биде не трета, туку втора политичка сила во државата.

Претседателските и парламентарните избори од минатата година покажаа дека ние имаме корен во гласачкото тело. И, тој корен верувајте нема лесно да биде пресечен. Напротив ќе пуштиме и други и ќе продолжиме да растеме секој нареден ден.

ФОКУС: Во Куманово живеат значаен број Албанци, па, според Вас, како тие ќе се однесуваат на претстојните избори? Дали очекувате поддршка и од нив, откако како Влада влеговте во отворен конфликт со ДУИ, додека како ЗНАМ имавте одредени судири со коалицискиот партер во владата ВЛЕН?

ДИМИТРИЕВСКИ: Колоритноста на Куманово, и од етнички, и од верски, и од социјален и економски аспект е една од работите што најмногу ја сакам. Јас не ги делам луѓето по ниту една основа. И таму каде што губев, некаде и убедливо, на минатите изборни циклуси, јас работев и ги реализирав зацртаните цели во битката Куманово да се направи подобро место за живеење.

Ако го погледнете списокот на реализирани проекти, ќе видите дека голем дел од нив се во делови во кои живее доминантно албански население. Со гордост во мојот кабинет ги чувам знамињата на сите заедници кои живеат на територијата на нашата општина.

По прашањата за кои имавме различно мислење со ВРЕДИ, ние настапивме принципиелно и тоа на крајот, како и секогаш, се покажа исправно. За мене не е воопшто чудно, коалициски партнери во владата да имаат различни гледишта за одредени работи. Всушност, тоа носи напредок.

А што се однесува до ДУИ, лично сметам дека треба да се реформираат, но тоа си е нивна внатрепартиска работа за која не би сакал дополнително да коментирам.

ФОКУС: Според Вас, дали се можни предвремени парламентарни избори веднаш или набргу по локалните избори? Од Владата уверуваат дека до тоа нема да дојде, но премиерот најавува дека по изборите ќе има владина реконструкција. Во тој контекст, дали очекувате да дојде во смена во некој од двата ресори што ги водат кадри на ЗНАМ? Колку сте задоволен од работата и постигнатите резултати на министрите за правда и јавна администрација, Игор Филков и Горан Минчев?

ДИМИТРИЕВСКИ: Целосно сме задоволни од работата на двајцата наши министри во Владата. И Филков и Минчев се носители на вистински реформи што ги спроведува Владата во два клучни ресори – правда и јавна администрација. Реформи, за кои во иднина ќе се почувствува зошто било неопходно сега да се спроведуваат.

Задоволни сме и од работењето на замениците министри. Оттука немам никакво стравување, ниту предрасуда во однос на најавената реконструкција од страна на премиерот. Тоа е негово суверено право да го направи и ние сме подготвени да соработуваме и по тоа прашање.

Што се однесува пак до можни предвремени парламентарни избори, ние во секое време сме подготвени за изборно соочување, затоа што веруваме во себе и во исправноста на нашите стратешки определби и политики.

- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
Најчитани
Stay Connected
10,404FansLike
61,453SubscribersSubscribe
- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
Поврзани вести
- Advertisement -spot_img