Најмалку што треба да направи претседателката на државата е да дејствува во рамките на нејзините надлежности и да го свика Советот за безбедност. Тоа е поважно отколку присуството на некакви народски собири. Треба да се расправа за ова прашање и макар и да нема заклучок, јавноста треба да знае, коментира аналитичарот Петар Арсовски за „Слободен печат“.
„Кога се тепаат слоновите, страда тревата“. Вака сликовито поранешниот амбасадор во НАТО и универзитетски професор Нано Ружин ја опишува актуелната ситуација со Гренланд и позиционирањето на малите земји, вклучително и Македонија како членка на Алијансата.
Од почетокот на „кризата“ со Гренланд и вербалните препукувања меѓу САД и Данска, македонските власти не се изјаснија каков е нашиот став како држава во однос на тоа прашање. Не дека некој од нив бара да земјата да заземе страна. Експертската јавност смета дека тоа и не треба да се очекува од нив, но во најмала рака треба јавно да излезат и да кажат дека, на пример, „нема да се мешаме во време на вака зголемени тензии“, дека „будно ја следиме ситуацијата“, бидејќи се работи за глобално безбедносно прашање кое не засега и нас.
„Слободен печат“ побара став од претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова, која меѓу другото е и врховен командант на Армијата, но од таму не добивме никаков одговор.
Политичкиот аналитичар Петар Арсовски смета дека во време на геополитички предизвик каков што е Гренланд, можеби најпаметно е да не се мешаме.
– За среќа, никој и не нè прашува. Или највулгарно речено, има кој да му ја мисли. Ние не треба да влегуваме во дебатата и во судир меѓу големите геостратешки сили. За вакви прашања и поголемите земји „играат по жица“ – вели Арсовски за „Слободен печат“.
Но, тој додава дека јавноста сепак треба да го знае ставот на власта и уште повеќе, дека власта се занимава со тоа прашање, го разгледува, носи заклучоци…
– Најмалку што треба да направи претседателката на државата е да дејствува во рамките на нејзините надлежности и да го свика Советот за безбедност. Тоа е поважно отколку присуството на некакви народски собири. Треба да се расправа за ова прашање и макар и да нема заклучок, јавноста треба да знае – коментира Арсовски.
Единствениот претставник на власта кој излезе со некаков став или поточно „полустав“ беше министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, кој на новинарско прашање за тоа како ќе се позиционира Македонија во врска со прашањето за Гренланд и дали ќе им дадеме поддршка на САД, како наш стратешки партнер, неодамна кажа дека „верува дека за Гренланд ќе се најде решение во согласност со меѓународното право“.
– Во однос на тоа прашање ја следиме внимателно состојбата, веќе има дискусија и во рамките на НАТО како ќе се постави државата. Јас искрено сакам да верувам дека ќе се најде некое рационално решение, кое е во согласност со меѓународното јавно право, а по однос на конкретни идни хипотетички дејствија, не би можел да одговорам – рече Муцунски.
Тој уште додаде дека секое позиционирање на нашата надворешна политика за разни прашања се гледа „низ призма на конкретен пример“, што и да значи тоа, како и дека успешно менаџираме во сложените геополитички времиња.
Ваквиот став на Муцунски доби поддршка од поранешниот министер за надворешни работи и актуелен претседател на собраниската Комисија за европски прашања, Антонијо Милошоски.
– Македонија не треба да избрзува, туку да продолжи внимателно да го следи развојот на случувањата во однос на прашањето за Гренланд, за кое позициите на Данска и на САД, сериозно се разликуваат. Прво, затоа што САД и Данска не се единствените НАТО членки што имаат ваков спор. На пример, Шпанија и Велика Британија долги години имаат спор во врска со тоа кој е носител на суверенитетот во однос на Гибралтар, и водат дијалог на таа тема – изјави Милошоски за „Слободен печат“.
Како пример тој ги споменува и Турција и Грција, кои сѐ уште имаат спор во врска со протегањето на нивната заедничка поморска граница и територијалниот интегритет на два ненаселени острови во источниот дел на Егејското Море.
– Затоа сметам дека е правилен ставот на министерот Муцунски дека за прашањето на Гренланд треба да се даде шанса на дијалогот внатре во рамките на НАТО. Како земја членка на НАТО треба исто така да ги охрабриме разговорите во рамките на трилатералната работна група што ја формираа Данска, Гренланд и САД, за во нејзини рамки да се усогласи заемно прифатливо решение за Арктичката безбедносна компонента. Со малку добра волја и поголем дипломатски ангажман верувам дека и за оваа спорна тема може да се најде прагматично решение, кое ќе биде во интерес на сите засегнати страни – додава Милошоски.
Поранешниот амбасадор во САД и универзитетски професор Васко Наумовски исто така смета дека е неопходна координација со членките на НАТО, бидејќи станува збор за безбедносно прашање без да се зазема страна.
– Потребен е еден балансиран пристап, координиран со членките на НАТО, имајќи предвид дека се работи за безбедносно прашање, особено во контекст на разврската на руско-украинската војна. Постои можност да се постигне компромисно решение, кое ќе ги задоволи и барањата на САД и истовремено да не ги наруши односите меѓу сојузниците, со што ќе се избегне ситуација во која Македонија ќе треба да избира меѓу две спротивставени позиции – ни изјави Наумовски.
Малку поконкретен во ставовите е Нано Ружин. Според него, дипломатски Македонија треба да го прифати предлогот на Доналд Трамп од Давос за одредени измени на договорот со Данска од 1951 година.








