„Македонски концепт“ денеска излезе со остро соопштение во кое предупредува дека губењето на стратешкото партнерство со Соединетите Американски Држави претставува сериозна закана за безбедноста, стабилноста и иднината на Република Македонија.
Од партијата оценуваат дека ставањето на Македонија на иста листа со држави како Судан и Сомалија е „длабоко поразителен и алармантен сигнал“, кој, според нив, е резултат на долгогодишна институционална толеранција кон верскиот радикализам и прокомунистичките, антизападни наративи во јавниот простор.
„Овие појави се директно спротивни на вредностите на НАТО и на западната цивилизација“, наведуваат од „Македонски концепт“, повикувајќи на итни и недвосмислени државни мерки.
Меѓу предложените чекори се:
забрана на носење бурки и верски манифестации во сите јавни институции;
донесување посебен закон за спречување и санкционирање на верскиот радикализам;
законска забрана на комунистичката идеологија, нејзините симболи и тоталитарното наследство.
Паралелно со внатрешните реформи, од партијата бараат државата да упати формален приговор до САД и да се повика на Договорот за стратешко партнерство, со барање Македонија веднаш да биде отстранета од спорната листа.
„Македонија мора јасно да избере – или ќе биде вредносно усогласен сојузник на САД, или ќе продолжи да тоне во сива зона на радикализам и меѓународна недоверба. Среден пат нема“, се наведува во соопштението потпишано од ЦК на „Македонски концепт“.









