Повеќе од 17.000 корисници ја посетија дигиталната платформа „Македонска Држава“ во првите десет дена од нејзиното лансирање на 8 Септември – Денот на независноста. Големиот интерес ја потврдува потребата од вакво дигитално богатство кое ја обединува македонската историја и култура.
Посетите доаѓаат не само од Македонија, туку и од дијаспората и пошироко: значителен број корисници се од САД, Германија, Австралија, Грција и Бугарија, што ја илустрира силната поврзаност со македонските корени и интересот за културата.
Платформата нуди електронски книги, историски документи и истражувања кои опфаќаат над 150 години македонска историја, култура, поезија и патриотско творештво. Таа е достапна на македонски и англиски јазик, а во план е превод и на други јазици. Содржината е организирана во јасни категории, со лесна навигација за подобро корисничко искуство.
Проектот овозможува бесплатно користење и има цел секој месец да го збогатува фондот со нови книги, истражувања и тематски содржини, наменети за ученици, професори, новинари и сите љубители на историјата.
„Веруваме дека историјата треба да биде жива, разбирлива и достапна за секого – без ограничувања и без филтри,“ вели иницијаторот Антонио Илијевски. „Со дигитализацијата на материјалите и нивната бесплатна достапност, ја отвараме вратата за нова генерација истражувачи и љубители на македонската култура.“
Тимот на „Македонска Држава“ ги повикува институциите и организациите дома и во странство да се приклучат на иницијативата, со цел зачувување и промоција на македонската историја и култура за идните генерации.






