Хотелско-угостителската компанија „Македонијатурист“ го презема управувањето со хотелот „Русија“, лоциран во непосредна близина на спортскиот центар „Јане Сандански“ во скопската населба Аеродром.
Според достапните информации, компанијата веќе регистрирала подружница на адресата на хотелот, што претставува јасен сигнал дека објектот наскоро би можел повторно да биде ставен во функција по периодот во кој не примаше гости.
Хотел „Русија“ беше изграден во 2014 година како дел од инвестициите на рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко, а во изминатиот период неговото работење беше прекинато. Објектот е подружница на „Спортски центар Јане Сандански“ ДООЕЛ, кој е во сопственост на Мариа Самсоненко.
Во меѓувреме, „Македонијатурист“ помина низ значајни сопственички промени. Во последните две години во компанијата влегоа нови инвеститори, при што беше целосно изменета акционерската структура. Компанијата веќе управува со неколку препознатливи хотели во земјава, меѓу кои се „Холидеј Ин“, „Белви“, „Карпош“ и „Турист“, додека во нејзино портфолио се и неактивните хотели „Бристол“, „Јадран“ и „Водно“.
Од компанијата засега не откриваат кога точно ќе биде повторно отворен хотелот „Русија“, ниту дали се планираат дополнителни инвестиции и реконструкции пред неговото враќање на пазарот.
Финансиските показатели покажуваат дека хотелот и покрај активностите во текот на минатата година продолжил да работи со загуба. Во 2025 година биле евидентирани 45 вработени, остварени приходи во износ од нешто повеќе од еден милион евра, но и загуба од приближно половина милион евра. Воедно, паричниот влог во компанијата изнесува 13,5 милиони евра.
Со вклучувањето на „Македонијатурист“ во управувањето, хотелот „Русија“ добива можност за нов почеток и повторно позиционирање на скопскиот хотелски пазар, каде што важеше за еден од помодерните хотелски капацитети во главниот град.








