Летото во 1991 година се одвива хаотична дезинтеграција на поранешната заедничка држава. Словенија, по краток оружен судир, ја натера Југословенската народна армија да се повлече од таа република. Таму се најавува почнување јавен процес за оформување независна држава. Во Хрватска, во Лика и Славонија, се шират судири меѓу хрватски и српски националисти. Армијата е застаната на страната на вторите. Се навестуваат воена трагедија и катастрофа.
Крај на јули, почеток на август 1991 година. Лето над Македонија. Метеоролошки нормално, релативно суво и топло, максимални температури од 32 до 33 степени. Успешна туристичка сезона, Охрид, Преспа, Дојран преполни со гости. Политички жешко, едно од најжешките во историјата на југословенската јужна Република Македонија. Се распаѓа Социјалистичка Федеративна Република Југославија, се готви, се создава конечна независност на државата Македонија.
Се одвива хаотична дезинтеграција на поранешната заедничка држава. Словенија, по краток оружен судир, ја натера Југословенската народна армија да се повлече од таа република. Таму се најавува почнување јавен процес за оформување независна држава. Во Хрватска, во Лика и Славонија, се шират судири меѓу хрватски и српски националисти. Армијата е застаната на страната на вторите. Се навестуваат воена трагедија и катастрофа.
Поддршка за зачувување на СФР Југославија од Москва и Вашингтон, Европа води разговори со новите републички раководства
Во Москва се состануваат американскиот претседател Џорџ Буш Постариот и советскиот Михаил Горбачов, лидери на двете тогашни суперсили. Во врска со Југославија даваат заедничка изјава за поддршка за зачувување на државата, но јавно не заземаат страна, иако се знае кој за што е определен. Изјавуваат дека тоа е внатрешен југословенски проблем и советуваат проблемите да си ги решат самите републики со дијалог, разбирање, со разум и без примена на сила. Потврдуваат непроменливост на внатрешните и надворешни граници. Два дена по Буш, во Москва патува југословенскиот премиер Анте Марковиќ, но не добива поддршка за она што го бара. Му се ветува само економска помош, друга помош или воено руско ангажирање воопшто не се споменува.
Европската заедница е ангажирана со половина сили, води разговори со новите раководства во републиките, но не бележи некој поголем резултат. Генерално, нивните ставови се движат во насока да се зачува Југославија во каков било нов формат. ЕЗ и Франција го поддржуваат предлогот за „унија на југословенските држави“, но не наидуваат на поволен одглас од лидерите. Лордот Карингтон, искусен британски дипломат, е назначен за главен преговарач. Во Хрватска Фрањо Туѓман е новиот моќен прв човек, а Слободан Милошевиќ, српскиот вожд, се однесува како цар на цела територија манипулирајќи со Србите во Хрватска, Босна и во Црна Гора. Тој ја има контролата и врз дотогашните главни сојузни институции, пред сѐ врз армијата и врз банките, особено врз девизните резерви. Армијата ја шушка и подбуцнува, банките ги ограбува. Стипе Месиќ е претседател на Претседателството на СФРЈ, Анте Марковиќ е премиер.
Голем предизвик пред легитимно избраното македонско раководство
Република Македонија се труди да го избегне федералниот хаос. Една година претходно ги има одржано првите повеќепартиски избори по падот на комунизмот како главен идеолошки систем. Има свое легитимно избрано раководство, свое собрание, влада и претседател на државата и други институции што се во формирање на национална основа. Претседател на државата е Киро Глигоров, 74-годишен политичар, штипјанец, кој својата кариера и слава ги стекна со долгогодишен престој во Белград како сојузен политичар. На чело на Владата е Никола Кљусев, на 61 година, штотуку пензиониран професор на Економскиот факултет во Скопје. Исто од Штип. Собраниски претседател е Стојан Андов, 56-годишен кавадарчанец, економист и дипломат, кратко пред тоа со мандат на југословенски амбасадор во Ирак.
На плуралистичката сцена има десетици партии, но главни се четири парламентарни – ВМРО-ДПМНЕ (Внатрешна македонска револуционерна организација – Демократска партија за македонско национално единство), СДСМ (Социјалдемократски сојуз на Македонија), ПДП (Партија за демократски просперитет) и НДП (Народна демократска партија). На чело на партиите се Љубчо Георгиевски, Бранко Црвенковски, Абдулади Вејсели и Илијаз Халими. ВМРО е нова партија, уште од почеток од мнозинството граѓани се сомничи за блиски врски со Бугарија. СДСМ е наследник на поранешната комунистичка партија. ПДП и НДП се први партии што ги застапуваат правата на Албанците во Македонија. Една од најпопуларните политички фигури е Васил Тупурковски, член на Претседателството на СФРЈ, највисокиот орган на сојузната држава. Г.г. Гаврил е архиепископ на Македонската православна црква.
Македонија е под силна пресија, вклештена меѓу републичките тенденции за осамостојување и воените немири што навестуваат голема крвава војна и дефинитивен распад на Титовата држава. Се подготвува за двете опции.
Македонското собрание уште во јануари 1991 година ја усвои Декларацијата за сувереност на Социјалистичка Република Македонија. На 7 јуни е избришана одредницата „Социјалистичка“ од називот на СР Македонија и го носи името Република Македонија. Став на Собранието е дека неговите делегати во Сојузното собрание не може да учествуваат доколку во него не учествуваат делегациите и делегатите од сите републики и покраините.
Одредени домашни и надворешни милитантни кругови се обидуваат да ја вовлечат републиката во тој хаос. Се обидуваат да ги пренесат немирите на македонски терен, да ја вжештуваат воената атмосфера и да ја носат државата до граѓанска војна.
Судирот добива сериозни димензии, соседите со свои интереси
Се разгоруваат вербалните судирите со Југословенската народна армија по прашањето за мобилизацијата на македонските војници. Судирот добива сериозни димензии по убиството на Сашко Гешковски од Кавадарци во Сплит и по загинувањето на неколку други војници од Македонија. Македонија не дава, ЈНА не отстапува. Протестираат мајките на регрутите барајќи враќање на нивните синови од местата каде што го служат воениот рок.
Од соседна Бугарија во неколку наврати официјално изјавуваат дека Софија нема територијални претензии кон ниту една балканска држава, што значи и кон Македонија. Тој став за Македонија содржеше и дополнение. Имено, тогашниот министер за надворешни работи Виктор Влков соопшти дека бугарскиот народ не може да се откаже од својата историја и да ги затвора очите пред фалсификатите што се вршат во Македонија. Бугарија има свои интереси засновани врз широко познатите етнички и историски реалности. Во софискиот печат големо внимание ѝ се посветува на новоформираната партија ВМРО-СМД, која најавува борба против „денационализацијата и асимилацијата на бугарското население“ во Македонија и за обединување на браќата Бугари на Балканот, особено со Македонија, која е бугарска земја, откината од мајката матица.
Грција се држеше повоздржано иако и нејзиниот став беше јасен дека нема Македонија, нема македонски народ и нема Македонци во Грција. Грчките власти низ разни форми им се закануваат на сите земји што ќе ја признаат Македонија. Почнува голема воена вежба на грчката армија до југословенско-македонската граница под името „Филосос“. Завршницата се одвива кај Кукуш, блиску до Дојран. Индиректно, преку дел од медиумите се негираат шпекулациите околу наводниот договор меѓу Слободан Милошевиќ и Константин Мицотакис за поделба на Македонија. Имено, веќе станало јасно дека идејата за велика Србија е промашена инвестиција, иако полуофицијалната грчка политика повремено ја поддржувала иницијативата за обнова на таквата држава преку поделба на македонската територија. Наивно би било да се инвестира во тие соништа на Милошевиќ, оценила конечно грчката влада.
Активни биле српските безбедности и воени служби. Евидентна била дејноста на КОС со негативна пропаганда дека одвојувањето од Југославија нема да успее, со закани дека КОС и ЈНА ќе ја ликвидираат Владата окарактеризирана како сецесионистичка и националистичка. Додека, пак, според странските реакции, одвојувањето на Македонија се оценувало како „уште еден чекор кон дефинитивниот распад на Југославија“ и се укажувало на „опасностите“ пред кои би била исправена.
Соседна Албанија, исто така, е држава во хаос, нема јавни очекувања, но со скриена надеж дека може да се искористи ситуацијата и да се вклучи во разврската околу Косово и со статусот на Албанците во Македонија.
Економската ситуација не е сјајна. Динарот сѐ уште е официјална валута. Се затвораат фабрики, владее црниот девизен пазар, нема девизи, германската марка е неофицијална единица за ценовна вредност. Не се чувствува недостиг од прехранбени продукти, обичниот живот тече во некаква норма, но во очекување и неизвесност што може да донесе иднината.






