Од специјалниот известувач од Вимблдон Ненад Живановски – Столиќ
Светот е мал, а вимблдонското село на најдиректен начин покажа дека е глобално село. Во медиа ресторанот, во кој, иако во секој момент, циркулираат стотина новинари и медиумски работници од најразлични делови на светот, да сретнете Македонец е статистички возможно исто колку и да добиете покана за „чај во четири“ од Кралот. Сепак, чудата се можни и тоа се случи – сосема случајно да го запознам Блаже Трифуновски.
Тој е човек од сенка во тенисот, кој е присутен на сите големи АТП, мастер и гренд-слем турнири, вклучително со години и на Вимблдон. Работи за Меѓународната тениска федерација како АТП менаџер за електронски линиски повици и преглед на видео (ATP Electronic Line Calling and Video Review manager), чиј ангажман, често пати, знае да претставува и последниот – клучен фактор – кој решава кој ќе биде победникот на еден тениски натпревар. Накратко, тој е човекот кој овозможува на семафорот и на телевизиските екрани да се види спорниот момент дали бил поен или аут.
Во продолжение, следи занимливата животната приказна на овој поранешен Скопјанец.
„По професија сум специјалист по медицинска биохемија, и работев како началник на лабараторија во Воената Болница во Скопје до 1994. година, кога решив да се отселам во Нов Зеланд. Пред да заминам, рекреативно се занимавав со тенис во ТК Југ, а кога Југославија се распадна, Македонија побара да стане членка на Меѓународната тениска организација. Еден од условите беше да имаме судиска организација и од ТК Југ ми доделија тој дел јас да го организирам. Така и се заинтересирав за судењето, што подоцна ќе се покаже за клучно за мојот живот во Нов Зеланд. Таму, прво што направив беше да станам член на тамошната судиска организација, со што почнав и да работам како тениски судија. Во 1997. година, во Сингапур, го положив тестот и ја добив првата меѓународна бронзена значка за да можам да работам како тениски судија во столица. Потоа, почнав да патувам на многу турнири ширум светот, многу врати ми се отворија и така почнав да го градам моето име во тенискиот свет“.
Следната пресвртница во судиската кариера на Блаже Трифуновски му се случува во 2006. година, на турнирот во Мајами, кога за прв пат била воведена хокај технологијата, а тој бил одреден да биде првиот официјален контролор за хокај.
„Со овој податок јас сум влезен во историјата на хокај системот, како еден од првите тренирани официјални контролори во светот. Како навлегував во оваа технологија, така постепено го напуштав судењето во столица, а сè повеќе се ориентирав како ревју офишал. Од одма сфатив дека хокај системот ќе биде иднината на тенисот, и мислам дека направив добра антиципација. Од тогаш до денес, сите турнири кои биле покриени со хокај системот јас ги работев. Тоа се мастер турнирите во Мајами, Индијан Велс, дванаесет години АТП турнирите во Лондон, сите гренд-слемови во Америка, Австралија и Вимблдон, освен Роланд Гарос, кој, поради подлогата, не го практикува хокај системот“.
Тој сега имам договор со АТП и позицијата му е Менаџер за електронски линиски повици и видео преглед (ATP Electronic Line Calling and Video Review manager), со имплементација на видео преглед. Како објаснува, во 2025 година, ATП го направил видео прегледот задолжителен на сите 1000 ATP Мастерс турнири, оваа година тој ќе биде воведен на сите 500 ATП турнири, а од следната 2027 година ќе биде проширен и на сите 250 ATП турнири, така што од 2027 година, секој натпревар на ATП турнејата ќе има имплементирано видео преглед. Тоа била најголемата работна задача, но и професионален предизвик, што му бил додаден – да го имплементирам целиот процес со тренинзи за сите службени лица за преглед (Review officials), за да можат да ја извршуваат и функцијата како видео службеници (Video Officials).

Кога го имате за соговорник најдобриот познавач на хокај системот, разбирливо е и дека ќе сакате да дознаете како функционира тој.
„Тој претставува технологија на целосно следење (full tracking technology). Околу теренот се инсталираат 10-12 хокај камери, кои се независни од телевизиските, и кои снимаат 60 фрејмови во една секунда и го следат топчето во секој момент. Значи, сите 12 камери во исто време го следат топчето и го снимаат. Софтверот кој го користат е програмиран да им дава инпут на камерите да следат нешто што е мало, има одреден дијаметар и е со светла површина. Така камерите се фокусирани само на топчето и не ги следат играчите или собирачите на топки. Исто така, пред натпреварот се мерат димензиите на теренот, ако има некои аномалии на теренот, на пример, да има изпапчнатина или вдлабнатина, сè е тоа инкорпорирано во софтверот. Оттука, камерите кога го следат топчето точно знаат во кој момент на кој дел од теренот е тоа и во кој миг го допира теренот и дали е тоа дел од теренот каде е рамно, или има вдлабнатина и изпапчнатина. Така што, во истиот момент кога ќе постои дилема дали топчето било внатре или надвор од теренот, јас во судиската соба каде седам знам дали е аут или не и го почнувам процесот да биде прикажана анимацијата на големиот дисплеј и на телевизија“.
Принципот на работа на овие хокај камери е сличен со оние камери на фудбалските стадиони, кои се фокусирани на секој играч поединечно и потоа се пресметува колку метри истрчал на натпреварот, на кој дел од теренот највеќе бил позициониран и слично. Техничкиот аспект од работата на хокај системот и како софтверот оперира Трифуновски пластично го објаснува на следниов начин:
„Секој поен е еден фајл. Пред да почне поенот, техничарот им дава клик на камерите и тие почнуваат да снимаат. И кога поенот ќе заврши тие стопираат да снимаат. И тоа е еден фајл за тој поен. На тој начин сите поени кои биле следени од почеток на примената на хокајот од 2006 године, се имаат сочувано. Така, денес ако некој каже дека во 2006. година имало контроверзен поен, можеме да го земеме фолдерот од тој меч, да го отвориме фајлот и да кажеме дали топчето било 12 милиметри надвор или 12 милиметри внатре. Или од меч кој е во тек ако сакате да видите некој поен од пред три гема, или еден сет, доволно е да го знаете фајлот на поенот и веднаш ние можеме да го пуштиме на големиот семафор или телевизија“.
Иако хокајот изгледа совршено непогрешлив, дилемата за обичните гледачи е дали тој може да погреши и дали некогаш она што тие го виделе со свои очи на телевизија е поверодостојно од „соколовото око“.
„Сите системи кога ги тестираме ги тестираме на нивната прецизност и доверливост. Меѓутоа, како и секоја друга технологија и хокајот може да направи грешка и тоа зависи од многу фактори. Направен како технологија за следење на топче кое се движи со голема брзина, има многу елементи кои можат да афектираат во одредени случаи. На пример, кога има сенки во теренот, или пола терен е на сонце, а пола во осојница, тоа може да предизвика конфузија за камерите, бидејќи тие третираат топче кое има една боја и светлост и одеднаш доаѓа до промена кога топчето ќе дојде во сенка. Значи, може во некои случаи да има грешка, но тоа се толку ретки, на пример на 10 илјади поени, еден да биде погрешно следен“.
Ако не може да погреши, дали хокајот може да биде наместен, односно техничарот да манипулира и лажно да го прикаже движењето на топчето на анимацијата која се прикажува на семафорот на тенискиот терен и на телевизиите.
„Не, системот е автоматски, а техничарот само го стартува и стопира кога да почне да го следи топчето и кога да престане“.
Овој фантастичен прогрес и продор на технологијата во тенисот, беше главната причина зошто линиските судии веќе се минато на тениските терени.
„Короната беше главниот фактор тој да добие на замав бидејќи постана нужно да нема толку луѓе на теренот, а линиските судии беа голем фактор бидејќи на големите турнири ги имаше и до 400-500 на број. Со преземање на хокај лајв системот, турнирите се ослободија од голем број судии. Како наследство од тоа, сега сите турнири се со примена на хокај лајв и само има судија на столица, а сè останато е покриено од камери. Оваа технологија работи на истиот принцип како хокајот, со тоа што дополнително има снимен и глас за аут, и кога ќе се случи топката да е надвор од линијата се пушта тој снимен глас дека е аут “.
Тенисот како пионир во примената на хокај системот, денес е само еден од многуте спортови на кои се применува оваа технологија. Во време кога паралелно со Вимблдон се одигрува и Светското првенство во фудбал, дали нашиот соговорник би сакал да гледа фудбал со ВАР проверка или повеќе жали за традиционалната драж?
„Секогаш ќе постои таа дилема. На ова Светско првенство имаше премногу „грешки“. Или ВАР судиите не беа добро тренирани или инструкциите кои им се дадени се премногу комплицирани и отворени за различни интерпретации. Затоа имавме ситуација во многу случаи кога ВАР не следеше иста логика за две исти ситуации. Друга импресија ми е дека ВАР се употребува премногу, речиси за сè што може, но и не мора да се провери. Повеќе нема вистински емоции после постигнат гол, сè додека не се потврди дали сè е регуларно. Судиите се подложни на голем притисок после секоја ситуација да проверат со ВАР. Тоа го уништува човечкиот елемент во фудбалската игра кој, порано, беше голем плус. За мене, употребата на ВАР системот во фудбалот би била добра само за да се одлучи дали топката ја поминала гол линијата или не“.
Истата дилема е присутна и во другите спортови. На пример, она чуено финале на 100 метра делфин од 2008. година, на Олимписките игри во Пекинг, помеѓу Миодраг Чавиќ и Мајкл Фелпс. Трката заврши со објаснување на судиите дека Чавиќ прв стигнал на целта, но Фелпс посилно го допрел сензорот. Дали во овој случај, кога би се користел хокајот, победникот поправично би бил одреден?
„Мислам кога хокајот би бил употребен во таа трка дека би одредил стопроцентно кој прв ја допрел целта и за колку време го сторил тоа, без разлика на силината со која таа се допира. За хокај системот не е битна силината на допирот на сензорот, туку само моментот на првичниот физички допир на пливачот со сензорот. Тоа е принципот на кој работи хокајот во тенисот: за него не е важно со колкава силина топчето ја допира земјата и почнува да се деформира од ударот, туку системот ја регистрира онаа микро секунда на прв допир на топчето со земјата“.
Од сите мечеви кои ги работел како ревју офишал нашиот соговорник го издвојува следниов како најдраг:
„Финалето на Вимблдон помеѓу Надал и Федерер во 2008 година. На тој меч јас бев единствениот офишал ревју за целиот меч и целите пет часа јас ги одработив сам. Тоа е мечот кој никогаш нема да го заборавам“.
И во недела, кога ќе го гледате машкото финале на Вимблдон, и кога на телевизискиот екран ќе ја видите хокај снимката од некој поен, знајте дека зад неа стои потписот на нашиот Блаже, но сега не е повеќе сам, туку тој е на чело на еден многуброен тим.






