Општина Карпош можеби не е на „интензивна нега“, ама мора да се излекува: да биде здрава, чиста, со средена околина и без диви депонии; со уредени детски градинки и модерни училишта кои ќе им дадат иднина на децата; со дигитализација што ќе ја направи работата на општината брза, ефикасна и транспарентна; со решен проблем на кучиња талкачи затоа што граѓаните имаат право на безбедни улици. Сакам Карпош да биде место од кое луѓето гордо ќе кажат: „Јас сум од Карпош“, вели во интервју за „Фокус“ Маја Мојсова, кандидат на СДСМ за градоначаник на Карпош.
Маја Мојсовa е истакнат анестезиолог, а своевремено беше директорка на КАРИЛ, Национална координаторка за трансплантација, како и претседателка на Здружението на лекари по анестезија, реанимација и интензивно лекување. На претстојните локални избори, таа ќе учествува како кандидат за градоначалник на Карпош, предложен од страна на СДСМ. Во интервју за „Фокус“, Мојсова говори зошто одлучила да го прифати овој предизвик, каква визија нуди за Карпош, кои се нејзините главни ветувања и заложби…
Разговараше: Влако СТОЈАНОВСКИ
Што ве мотивираше да влезете во изборен натпревар за градоначалничка на Карпош? Дали имавте лична амбиција или пак тоа го сторивте на повик и барање на партијата што ве кандидираше – СДСМ?
Не сум човек што целиот живот чекал шанса за функција. Мојата кариера во медицината е доказ дека мојата прва амбиција отсекогаш била знаење, резултати и работа што остава трага. Но, кога ми понудија да влезам во изборната трка, сфатив дека ова не е само политичка понуда, туку можност да ја преточам мојата лична борба за интегритет, правда и компетентност во нешто поголемо, во служба на граѓаните на Карпош.
Не влегов во оваа битка за да докажам нешто на себе, туку за да им покажам на другите дека една жена, кога е подготвена и има храброст, може да понуди поинаков начин на управување, со срце, со разум и со бескомпромисна чесност.
Знам дека живееме во земја каде често повеќе се вреднуваат партиските етикети отколку личниот капацитет. Токму затоа мојот мотив е да покажам дека чесноста, знаењето и одважноста, особено кога тие доаѓаат од жена, се најсилниот одговор на цинизмот и недовербата во политиката.
Интегритетот за мене не е збор што убаво звучи, туку начин на живот. Тој е темел на мојата професионална приказна и ќе биде темел и на моето лидерство во Карпош.
Јавноста ве памети како директорка на КАРИЛ и Национален координатор за транспалантација, но дали досега сте биле политички активна или ангажирана во рамки на СДСМ? Ако е така, на кој начин и во кое својство?
Здравството мора да биде надвор од партиската и политичкта арена. Човечкиот живот не е дел од дневна политика, затоа мојата кариера и како раководител на КАРИЛ и како Национален координатор за трансплантација, е изградена врз темелите на професионалност и знаење, а не врз партиска припадност.
Во СДСМ никогаш не бараа од мене да бидам „партиска личност“, туку професионалец кој ќе работи најдобро за граѓаните. И тоа е вистинската суштина: државата треба да ги препознава луѓето по нивните капацитети, а не по етикетите. Ако сепак за мене постои етикета, јас ќе ја носам со гордост, затоа што зад неа стојат резултати и човечки приказни кои значат спасени животи.
Мојата позиција на Национален координатор ја добив на јавен конкурс, по строга процедура и според посебен закон. Она што ме препорача беа долгогодишната едукација, дел со сопствени средства, дел со стипендии од светската трансплантациска асоцијација и поддршка од Министерството за здравство.
Тоа не беше случајност, туку резултат на визија и посветеност да се развие органодарителството и трансплантацијата во Македонија. И резултатите зборуваат сами за себе. Трансплантацијата стана реалност за многу пациенти, граѓани на оваа земја кои добија нова шанса за живот. Тоа е мојата најголема награда и најголема потврда дека професионалноста и хуманоста се поважни од секоја партиска боја.
Верувам дека медицината мора да остане во рацете на оние кои знаат и можат, а политиката мора да им служи на граѓаните, не обратно. Тоа е моделот што сакам да го пренесам и во Карпош: институции кои служат на човекот, а не на интересот.
Во една прилика, Венко Филипче ве нарече „најдобар менаџер“ и човек со „интегритет, искуство и силна човечка стана“, па дури се понуди да биде гарант дека ќе бидете успешна градоначалничка. Колку време се познавате со Филипче, на кој начин сте соработувале во рамки на здравствениот сектор и дали тој инсистираше да влезете во изборна трка?
Ова признание од Венко Филипче следи по сите години посветена работа на КАРИЛ – едно од најтешките и најодговорните одделенија во нашето здравство. Таму не се преживува ако не си менаџер, лидер и лекар во исто време. Мојата кариера на КАРИЛ ме изгради во силна жена, подготвена да носи одлуки во моменти кога секунди значат живот или смрт. Тоа не е само професија – тоа е животна школа на карактер, интегритет и издржливост, тоа повик, а не само професија.
Со Венко се познаваме одамна. Тој никогаш не бил „само хирург“, тоа што многумина не го знаат за него е дека е човек кој прочитал навистина многу книги, кој има длабоко познавање за уметноста и културата. Нè поврзува и пријателството и професионалната соработка. Работевме заедно и во времето кога јас бев Национален координатор за трансплантација, а тој министер за здравство. Тогаш направивме историски поместувања во трансплантацијата и заедно ги водевме најтешките битки во време на пандемијата.
Како личности, се познаваме доволно за да знаеме дека пријателството не се гради само врз успесите, туку и врз тоа да умееш да се соочиш со недоразбирања, различни ставови и сепак да останеш отворен за дијалог. Јас сум човек кој не руши мостови – јас сум човек кој бара решенија, кој создава нови патишта наместо проблеми.
Така и во политиката: мојата цел не е да делам луѓе или да креирам поделби, туку да ги обединам.
Колку и како искуството како доктор, но и како менаџер во здравствениот сектор планирате да го аплицирате при управување со Карпош доколку бидете избрана за градоначалничка?
Ако нешто научив на КАРИЛ, тоа е дека и во најтешките моменти, кога секунди одлучуваат за живот или смрт, мора да има лидер кој ќе остане прибран, организиран и ќе најде решение. Тимска работа е КАРИЛ, одделение со над 200 вработени, различни карактери, различни професионалци, а јас требаше да ги обединам сите околу една цел, животот на пациентот. Тоа значи управување без суети, без поделби, со почит и со визија.
Денес Карпош е како пациент кој итно треба да стане на нозе. Општината можеби не е на „интензивна нега“ ама мора да се излекува: да биде здрава, чиста, со средена околина и без диви депонии; со уредени детски градинки и модерни училишта кои ќе им дадат иднина на децата; со дигитализација што ќе ја направи работата на општината брза, ефикасна и транспарентна; со решен проблем на кучиња талкачи затоа што граѓаните имаат право на безбедни улици.
Сакам Карпош да биде место од кое луѓето гордо ќе кажат: „Јас сум од Карпош“. Општина која ќе стане центар на урбана култура и модерен живот, каде ќе започнуваат трендови во модата и шопингот, но и дом на спортот – со Партизан како гордост и симбол на победнички дух.
Тоа што како лекар го правев за пациентите – да им враќам надеж, достоинство и живот – сега сакам да го направам за Карпош. Да ја излекуваме општината и да ѝ дадеме нов живот, да изградиме заедница во која секој граѓанин ќе чувствува дека неговиот дом, неговата улица и неговата општина се место за кое вреди да се бори.
Каква изборна разврска очекувате во Карпош и кого гледате и доживувате како главен или најопасен противник или конкурент – актуелниот градоначалник Јакимовски или кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Лукровски?
Секој што се кандидира заслужува почит, затоа што со самата одлука покажува дека сака да даде нешто повеќе за општината. Јас така гледам на сите мои „противници“.
За господинот Јакимовски – сметам дека е време достоинствено да подаде рака и да каже „доста беше“. Многу работи направи за Карпош во минатото и за тоа му благодарам, но убедена сум дека денес на општината ѝ е потребна нова енергија, нова визија и современ пристап. Време е да ми ја предаде штафетата за да му дадеме на Карпош можност за свеж почеток.
За господинот Лукровски – искрено, не се занимавам со тоа кој што ветува, туку со тоа што јас можам да направам. Имам визија која е појасна, поцврста и поконкретна – визија за Карпош кој ќе биде здрава, чиста и современа општина со која граѓаните ќе се гордеат.
Моја амбиција не е да победам некого, туку да победиме сите заедно – граѓаните на Карпош. Јас не трчам против никого – јас трчам за Карпош!
Неодамна повикавте изборната кампања да биде фер, коректна и достоинствена, па дали од вашите противкандидати очекувате таква кампања, бидејќи, судејќи според досегашното искуство, изборните кампањи знаат да бидат валкани?
Да бидеме реални, уште сега гледаме дека ова не е чиста трка. Се прават нарачани анкети каде мене ме нема – како да сакаат да ме избришат. Тоа е политички фемицид. Се делат ручеци, кафиња, подароци – а јас велам: Карпош не е на распродажба!
Едниот кандидат ја користи моќта на централата и бизнис интересите, другиот ја користи моќта на општината. И двајцата ја користат позицијата, не визијата. Не влегувам во таа валкана игра. Нема да купувам гласови со кафе и сендвич. Нема да ги потценувам граѓаните.
Мојата кампања е едноставна, скромна по форма, но силна по суштина, лице в лице со што повеќе карпошани. Сакам луѓето да ме запознаат, да ја слушнат мојата визија и да се уверат дека постои поинаков пат, пат на чесност, работа и вистинска грижа. Јас не сум тука за да бидам дел од старата политика. Јас сум тука да направам Карпош повторно да е гордо.
И верувајте, тоа ќе го направиме – заедно.
Како го оценувате изминатиот 4-годишен мандат на Јакимовски и генерално неговото управување со Карпош? Кои позитивни, а кои негативни проекти и резултати може да ги издвоите?
Секој градоначалник остава свој печат. Господинот Јакимовски имал и многу посилни мандати од овој последниот. Причините зошто општината беше запоставена во изминатите години не сакам да ги коментирам, но граѓаните тоа го чувствуваат – повеќе градби, а помалку чистота, паркови кои изгледаат како да се во Сахара, и недоволно реализирани ветувања.
Сепак, има и позитивни работи кои треба да се признаат – енергетската ефикасност на училиштата и изградбата на спортски сали и игралишта се добри чекори кои вреди да се продолжат.
Верувам дека вистинското лидерство не е во поништување на сè што направил претходникот, туку во тоа да се продолжи она што било добро и да се подобри таму каде што граѓаните очекуваат повеќе.
Каква визија Вие нудите за Карпош и со каква програма ја барате довербата на жителите на Карпош? Кои се главните проекти што ги ветувате во инфраструктурата, урбанизмот, културата, спортот, локалната економија, животната средина и други области каде надлежност има локалната самоуправа?
Доста е веќе со истрошените флоскули за „татко на општината“. Време е да зборуваме за вистинска женска волја и грижа која е искрена, посветена и огромна, како за сопствените деца, така и за секое дете и секој човек во Карпош. Грижа која не прави разлики, туку носи топлина, сигурност и просперитет. Ние можеме да изградиме модерна општина, но врз темели на традиционалните вредности, чесност, ред, солидарност и почит кон соседството.
Комунално претпријатие кое ќе стопанисува со чистотата и паркинзите – затоа што проблемите со сметот и метежот во сообраќајот не може повеќе да се игнорираат. Задолжително, монтажни гаражи на постоечките паркинг-простори, без уништување на зеленилото. Модерни училишта и градинки со свежа храна набавена во рок од 48 часа од наши локални лиценцирани производители. Родителите ќе бидат ослободени од трошоците за обезбедување, тоа ќе го преземе општината.
Карпош е општина на младите застоа и заслужуваат Младински културен центар – простор за култура, музика, едукација и доедукација, место каде младите ќе растат со идеи, а не со апатија. Потоа Хаб за граѓаните, отворен простор каде секој, може да дојде да се консултира, да предложи или соработува. Урбанизам со ред и мерка, нема да дозволам да се уриваат семејни куќи за да никнуваат згради со 8–9 ката. Карпош мора да остане општина со човечки размери, со воздух, простор и достоинство.
И секако, зелена и хумана средина, нема да има диви депонии, нема да има кучиња талкачи. Карпош ќе биде општина во која е чест да се живее, а не предизвик да се преживее. Во културата и спортот – Карпош повторно ќе блесне. Сакам младите да кажат дека „модата и трендовите почнуваат кај нас“. Сакам спортскиот дух да се врати, Партизан да биде гордост, а не сенка од минатото.
Моја визија е Карпош да биде општина која граѓаните со гордост ќе ја претстават: „Јас сум од Карпош“. Тоа е општината што ја гледам – и што заедно ќе ја изградиме.
Еден од најголемите предизвици за сите општини, вклучително и за Карпош, е урбанизацијата. Во таа насока, може да се забележи интензивна градба во одредени делови на Карпош, каде мали смеејни куќи прераснуваат во згради, па дури и се градат висококатници на зелени површини, додека други делови, иако значително помали, имаат проблеми со водоснабдување, канализација и сл. Каков пристап ќе имате во овој сегмент?
Ова лето конечно се соочивме со вистината дека градењето мора да оди рака под рака со инфраструктурата. Без претходна сериозна анализа на капацитетите, вода, канализација, електрична мрежа, не смее да почне ниту еден нов проект. Граѓаните видоа што значи кога урбанизацијата е побрза од инфраструктурата, делови од Карпош останаа без вода, и тоа е аларм дека мора да се работи поинаку.
Мораме да размислуваме и за климатските промени кои веќе влијаат врз ресурсите и можат да доведат до траен недостиг на вода. Затоа ќе воведеме практични решенија, зелените површини да се наводнуваат со техничка или индустриска вода, а не со питка, и секој граѓанин да сфати дека живеењето во заедница бара солидарност и грижа за соседот.
Недостатокот на вода и канализација најмногу се гледа во делови кои првично биле викенд-населби, а подоцна прераснаа во зони за постојано домување. Таму, пред да се дозволи ново градење, треба да се направи сериозна проценка дали инфраструктурата може да издржи. Ако не – понатамошната градба мора да се стопира сè додека не се најде решение.
Урбанизацијата треба да биде планска, фер и одржлива. Затоа ќе барам заеднички решенија со Град Скопје и институциите, но пред сè ќе инсистирам на ред и визија, Карпош да се развива со мерка и почит кон животната средина, а не со хаос и импровизации.
Во тој контекст, треба да се издвои просторот кај некогашната фабрика Алумина, каде се уште актуелниот градоначалник промовираше предлог-урбанистички план кој предвидуваше станбено-деловен комплекс со многу висококатници, но тој ДУП не доби поддршка од општинскиот совет. Исто така, неизградени површини покрај Илинденска, околу салата Борис Трајковски итн. веќе се во сопственост на приватни газди, кои веројатно чекаат урбанистички план кој ќе им овозможи да градат објекти. Во однос на тоа, какви ќе бидат вашите залагања – дали ќе се борите за урбанистички планови кои ќе бидат во интерес на малкумина моќници чиј интерес е профитот или пак ќе се залагате за јавниот интерес, интересот на граѓаните и нивното право на хумано живеење?
Алумина е проект кој покажа една важна лекција, кога некој купува плац во Карпош, не купува само метри квадратни туку презема и одговорност за заедницата. Затоа инвеститорите мора да разберат дека нивните апетити треба да се усогласат со јавниот интерес.
Моето правило е јасно, без минимум 50 отсто зеленило, без доволно паркинг-места (барем по две за стан), без детска градинка и без ограничување на висината според соседните згради – нема проект. Не може во една иста улица да никнуваат згради, а на крајот од таа улица луѓе да живеат во субстандардни услови. Тоа е недозволиво и штетно, и за граѓаните и за општината.
Делот покрај Илинденска е со години оставен како депонија, а според Генералниот урбанистички план тој е зона Д3 – што значи паркови, зеленило, рекреација. Јас гледам таму простор како на Централниот парк во Њујорк – зелено срце на градот, каде семејствата ќе шетаат, младите ќе спортуваат, а граѓаните ќе дишат. Тој простор не смее да се претвори во нова бетонска џунгла.
Карпош не смее да стане заложник на ничии приватни интереси. Урбанизацијата мора да се гради по мерка на луѓето, не по мерка на профитот. Секој дел од Карпош мора да има „име и презиме“ свој карактер, свој дух, своја вистинска заедница.









