Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, во вчерашното гостување во емисијата „Вести плус“ на Канал 5 Телевизија официјално најави дека во октомври ќе биде промовирана новата мобилна апликација м.Услуги.
„Можам официјално да најавам дека во октомври ќе организираме настан на кој ќе ја промовираме мобилната апликација м.Услуги. Во неа ќе бидат достапни електронски верзии на личната карта и возачката дозвола, како и две електронс и услуги за граѓаните“, истакна Андоновски.
Преку м.Услуги, граѓаните на едно место ќе можат да пристапуваат до личните документи во дигитална форма како и до електронските услуги на администрацијата. Целта е државните услуги да станат подостапни и поедноставни за користење, директно преку мобилен телефон.
Министерот посочи дека во изминатиот период интензивно се работело на прашањата поврзани со сајбер-безбедноста, заштитата и начинот на чување на личните податоци, како и нивната размена со Министерството за внатрешни работи, кое е сопственик на податоците.
„Во завршна фаза сме на усогласување и потпишување на протоколот за размена на податоците, како и на тестирањето на апликацијата. Сакаме, пред таа да биде достапна за сите, да бидеме сигурни дека системот е стабилен, безбеден и едноставен за користење. Апликацијата ќе биде достапна на App Store и Google Play, а нејзината тест-верзија досега ја презедоа околу 6.000 граѓани“, рече Андоновски.
Следниот чекор во дигиталната трансформација е мобилниот телефон постепено да стане дигитален паричник преку кој граѓаните безбедно и едноставно ќе пристапуваат до своите документи и до услугите на државата.






