Откако неколкупати ѝ укажавме на Весна Јаневска дека студентскиот оброк останал закован на 140 денари од 2023 година, министерката реши да оди чекор подалеку и сега соопшти дека не планира ни да го зголеми, бидејќи, замислете, „студентите не се пожалиле“, велат од Левица.
„Ова веќе го оценуваме како кулминација на дрскоста. Министерката од нас беше јавно предупредена дека постои законска обврска за усогласување, пред носењето на буџетот, а таа сега се однесува како примената на закон да зависи од тоа дали некој студент ѝ се пожалил во кабинет. Од кога законските права во Македонија се активираат со поплака до Весна Јаневска“, велат од партијата.
Од Левица потсетуваат дека „кога ВМРО-ДПМНЕ дошле на власт во 2024 година, студентскиот оброк изнесувал 140 денари.
„140 денари изнесува уште од 2023 година. На 14 август 2024 година, веќе со Јаневска на чело, МОН распишува јавен повик за субвенциониран студентски оброк во износ од 140 денари. Во април 2025 – повторно 140 денари. За академската 2025/2026 – повторно 140 денари. И денес повторно за 140 денари. Доволно е Министерката да го отвори најновиот јавен повик на сопственото Министерство. Таму нема ни 147, ни дополнителни 20 денари со кои продолжува да лаже дека се зголемил студентскиот оброк по доаѓањето на ДПМНЕ. А кога веќе Јаневска смета дека 140 денари се доволни, нека им објасни на студентите каков здрав, пристоен и нутритивно вреден оброк денес можат да купат за 140 денари. Цените на храната не останаа на нивото од моментот кога беше утврден овој износ. Само студентската субвенција остана иста, повторно ќе укажеме – спротивно на закон“, велат од Левица.
Од партијата истакнуваат дека Владата на ДПМНЕ во ниту еден момент не го покачила студентскиот оброк, а согласно Законот кој е на сила, додаваат од Левица, државата ги има ограбено студентите за околу 6,5 милиони евра.






