Македонија не увезува отпад, ниту ќе увезува во иднина, тврди заменик-министерката за животна средина и просторно планирање Ане Лашкоска која денеска од собраниската говорница одговори на пратеничко прашање поставено од пратеникот Репеџ Исмаил од „Левица“.
„Дали како министерство имате намера да дозволите и организирате, да аплицирате за отпад од ЕУ. Неодамна објавивте некоја листа од некои си 18 типови отпад кои планирате да ги увезувате од ЕУ и таму содржи разни метали и неметали, стакло, цинк, картони, масло за јадење, некои типови на одпат кои и онака се голем проблем, нивната обработка во Република Македонија“, рече Исмаил.
Во одговорот, Лашкоска ги отфрли информациите што се пласираат во јавноста, посочувајќи дека не се увезува отпад.
„Јасно и одговорно тврдам дека Република Македонија не увезува ниту ќе увезува отпад во иднина. Во однос на листата, сакам да образложам. Во однос на маслото за јадење, станува збор за увоз за извоз, односно го увезува фирма која го препакува и истата количина се извезува во Австрија. За хартијата е исто, увоз заради извоз, се извезува во Албанија и Косово заради недостиг во нивните држави за хартии. Кога станува збор за металите, не станува збор за штетни метали. Увозот се врши од фирми кои го користат во своето производство, за лим, кој како готов производ понатаму се извезува во други држави“, рече Лашкоска.
Исмаил пак, вели дека јасно прашал, дали има апликација за увезување на отпад.
„Вие треба да го забраните увозот на отпад. Вие не само што немате капацитети да забраните, вие немате капацитети да ги контролирате дивите депонии. Вие немате ни основни капацитети, а камо ли капацитети за производство. Особено корупцијата владее на големо. Затоа мислам дека треба да забраните увоз на отпад од ЕУ. Да не ги манипулирате граѓаните, ЕУ повеќе од 70 отсто од својот отпад го извезува. Наоѓаат земји како нашата за да го увезува отпадот за нашите граѓани да се гушат тука. Ние имаме проблем и со обичната хартија која загадува. Не смееме да дозволиме дополнителен отпад во Македонија“, додаде пратеникот од Левица.








