Одземениот добиток од подрачјето на Општина Крива Паланка во почетната фаза ќе биде сместен во Казнено-поправните домови Идризово и Прилеп. Oва го предвидува акцискиот план за отстранување на добитокот во Крива Паланка усвоен на минатата седница на Владата.
Оперативната реализација на планот почна денеска, а на состанокот на Координативниот штаб се утврдени конкретните активности и задолженија на институциите вклучени во процесот.
„Со воспоставувањето на овој механизам на институционална координација создаваме оперативни предуслови за системско и трајно надминување на проблемот со кој се соочуваат жителите на Крива Паланка. Приоритет е заштитата на граѓаните, нивниот имот и земјоделското производство, преку ефикасно спроведување на законските решенија, со истовремено почитување на стандардите за здравствена заштита и благосостојба на животните. Од суштинско значење е секоја институција одговорно и ефективно да го реализира својот дел од преземените обврски“, вели министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски.
Како следен чекор е предвидено мапирање на локациите на кои се наоѓа добитокот, за да се утврдат неговата бројност, распространетоста и пристапноста на теренот.
Во почетната фаза е предвидено животните да бидат примопредадени на Казнено-поправниот дом Идризово и Казнено-поправниот дом Прилеп, а разгледана била и можноста во текот на процесот и во согласност со законските прописи, дел од добитокот да биде отстапен на здруженија на сточари и на млади сточари.
Во реализацијата на Акцискиот план за справување со добитокот во Крива Паланка се вклучени седум државни институции меѓу кои две министерства, две агенции, една дирекција, еден центар и едно биро. Поточно, станува збор за Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Министерството за внатрешни работи, Агенцијата за храна и ветеринарство, Агенцијата за управување со одземен имот, Дирекцијата за заштита и спасување, Центарот за управување со кризи и Бирото за процена.






