Илјадници работници секоја година го напуштаат работното место поради лошите услови или неисплатените плати. Дека имаме ваква состојба, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика(ДЗС). На годишно ниво, околу 10.000 работници или дури и повеќе даваат отказ поради лошите услови или неисплатените плати. Анкетиравме работници за тоа дали имале вакво искуство. Некои се плашеле дека нема да најдат нова работа и трпеле лоши услови, а други и по трипати заминувале од работното место поради наведените проблеми.
„Трипати сум дала отказ поради доцнење на плати. Мене тогаш ми доцнеме платата по два месеци, па се случуваше да ми дадат плата пониска од договореното и давав отказ, затоа што чувствував дека сум способна да најдам работа на друго место. Сега за младите има повеќе избор, има работа, има конкуренција и заминуваат полесно од работното место. Не се денес младите похрабри, туку имаат повеќе можности и ако изгубат работа, ќе отидат на друго место“, кажа Оливера Г, граѓанка.
Друга жена објаснува дека работела на „црно“, но немала избор и не дала отказ.
„Работев во чевларската индустрија, бев непријавена и само еден газда се случи да ми остане должен, да не ми исплати една плата и односите ни се нарушија. Сега гледам дека младите поради лоши услови, ниски плати даваат отказ“, рече Снежана Д. граѓанка.
Сепак, луѓето велат дека секој работник е приказна за себе и зависи колкав е неговиот праг на толеранција, колку тој може да работи во токсична средина.
„Јас имам работено на две места, во државен сектор, па во приватен и не сум имала потреба да менувам. Доколку би се соочила со лоши услови, дали би дала отказ, не знам, зависи од околностите во тој момент“, кажа Мирјана Ц. граѓанка.
Дел од работниците во минатото се соочиле со доцнење на платите и по три месеци.
„Може да има толеранција за неколку дена ако доцни платата, ама важно е работниците да ја земаат редовно. Еден месец максимум треба да толерираат доцнење на плата, инаку да си бараат нова работа, затоа што ако дојде до доцнење на две – три плати, тешко е потоа работите да се вратат во нормала“, додаваат од скопска агенција за посредување при вработување.
Во 2024 година, според податоците на Државниот завод за статистика(ДЗС) од овие причини отказ дале 10.619 работници. Во 2023 година, тој број бил 9.310. Но, во 2022 година, бројките се повисоки, односно 12.325 работници си дале отказ поради лоши услови за работа или неисплатени плати.
Во 2021 година, истото им се случило на 11.445 работници. Во 2020 година, состојбата била полоша, односно 13.341 работник си дал отказ поради лоши услови за работа или неисплатени плати. Во 2019 година бројката била 12.285 работници, во 2018 година биле 10.663, додека во 2017 имало 21.970 работници во таква ситуација.
Податоците на ДЗС покажуваат дека во однос на луѓето од руралните места, оние работници кои живеат во урбана средина почесто давале отказ поради лоши услови или неисплатени плати. Мажите се побројни од жените, односно тие почесто ги напуштале работните места од наведените причини.









