За прв пат во еден годишен независен ревизoрски извештај на АД Пошта се спомнува сумата која како официјален доставувач на фактурите друштвото ја наплаќа од универзалниот снабдувач со електрична енергија на домаќинствата и малите потрошувачи на регулираниот пазар ЕВН Хоме
Во годишниот извештај за работењето на АД Пошта во текот на 2025, објавен на „Македнска берза“, запишани се и авансните обврски, меѓу кои и оние кон ЕВН Хоме, од каде што однапред биле наплатени повеќе од половина милион евра, односно околу 32 милиони денари.
„Обврските за примени аванси во износ од 36.044 илјади МКД, опфаќаат авански плаќања од ЕВН Македонија АД Скопје во износ од 32,058 илјади МКД за услуги на Друштвото“, објави независниот ревизор, без при тоа да се нагласи дали 2025 е прва година во која универзалниот поштенски оператор за прв пат авансно ја наплатил оваа услуга.
Инаку покрај физичка достава на адресата на потрошувачите, фактурите кон ЕВН Хоме се плаќаат и преку електронска достава ако корисникот активирал е-фактура, односно сметката ја добива по e-mail и престанува доставата по пошта.
Износот на акумулираните загуби од минатата и претходните години на АД Пошта изнесува над 32 милиони евра. Број на вработени во текот на минатата година бил намален од 1.676 на 1.638. Иако трошоците за вработените останале речиси непроменети, се зголемиле тие за лица ангажирани по договор од 1,25 на 1,6 милиони евра.
Приходите од продажба се намалиле за околу милион евра, а обврските по кредити и камати се зголемиле исто така за околу оваа сума, со тоа што се работи за невратени позајмици од друштва кои ги контролира државата. Приходи од платениот промет се зголемени од 2,5 на повеќе од 3 милиони евра што е позитивен момент, но намалени се приходите за писмоносни услуги од 13 на 11,5 милиони евра.
„Не обрнуваме внимание на белешка 2.6 кон финансиските извештаи во која е наведено дека Друштвото во 2025 година остварило загуба, има акумулирани загуби од претходните години, негативен обртен капитал и дека понатамошното работење на Друштвото, поврзано сервисирање на обврските, пред се поради високиот износ на трошоци за вработени, зависи од Финансиска поддршка од сопственикот. Овие настани и услови, заедно со другите прашања обелоденети во наведената белешка, укажуваат на постоење на материјална неизвесност која може да предизвика значителен сомнеж во способноста на Друштвото да продолжи да работи според принципот на континуитет на работењето“, нагласува ревизорот во извештајот.






