Министерот за здравство Азир Алиу денеска изјави дека едно од решенијата за нов клинички центар во Скопје е Градската општа болница „8 Септември“ поради тоа што има цврста градба која ги задоволува сите услови кои мора да ги задоволува една институција, инфраструктурата се поврзува со два булевари и трет момент кој е многу битен е слободниот простор за градење на нова инфраструктура.
„Тука освен здравствените услуги се поврзува и компонентата на нови технологии, нова методологија и нов пристап кон услугите во здравството. Затоа продолжуваме со идејата дека мора да има нов клинички центар. Експерти прават временска и финансиска рамка. Временска рамка ни треба, бидејќи неколку години се зборува и сакаме навистина побрзо да дојдеме до нов клинички центар и колку ќе чини тоа. Едно од решенијата е ГОБ „8 Септември“. Ценам дека побрзо и поевтино ќе дојдеме до нов клинички центар. Експертите ќе кажат каде треба да се инвестира. Во првиот квартал од 2026 година ќе знаеме каде ќе се инвестира за нов клинички центар“, истакна Алиу.







