домаМакедонијаКога ќе почне изградбата на автопатот кон Блаце и колку ќе чини...

Кога ќе почне изградбата на автопатот кон Блаце и колку ќе чини проектот?

- Advertisement -spot_img

Ревизијата е завршена, мали измени се направени според забелешките доставени од Градежниот факултет во Скопје, кои се однесуваа на техничката спецификација и исполнување на градежните нормативи, ни одговорија од ЈП за државни патишта, додавајќи дека времетраењето на изградбата на 10-километарската автопатска траса кон Блаце се планира да биде 48 месеци, додека цената на чинење ќе се знае откако ќе се заврши со евалуација на понудите за избор на изведувач и надзор.

Граѓаните кои од Косово влегуваат во Македонија, или, пак, оние што патуваат во обратен правец – од Скопје кон Приштина, се уште се движат по постојниот пат, каде периодов се прави дополнителен застој поради градежните работи што се одвиваат кај клучката Момин поток, каде еден правец е затворен па сообраќајот се пренасочува токму низ влезот на трасата каде всушност треба да започнува новиот автопат кон Блаце.

Меѓутоа, откако од страна на границата со Косово се изградија 2 километри од ова автопатско решение во вкупна должина од 12 километри, за останатите 10 километри се уште се чека да заврши тендерската постапка за избор на изведувач и надзор. Имено, како што велат од Јавното претпријатие за државни патишта, тендерската постапка за избор на изведувач и надзор, во соработка со Европската банка за обнова и развој, е во тек.

„Ревизијата на проектот е завршена. Мали измени се направени според забелешките доставени од Градежниот факултет во Скопје, а кои се однесуваа на техничката спецификација и исполнување на градежните нормативи. Со внесувањето на измените, ја добивме завршната ревизија на проектот“, ни одговорија од ЈПДП на прашањето во кои делови и сегменти има репроектирање и во која насока се измените?

Во однос на прашањето кога се очекува цела автопатска траса да биде готова и функционална, колку треба да чини цел проект и сл., пак, од таму велат дека, според планираните активности, времетраењето на изградбата се очекува да биде 48 месеци, откако на изведувачот ќе му се даде право на пристап до земјиштето и започнување на градежните работи.

„Цената за изградбата на автопатот кон Блаце ќе се знае откако ќе се заврши со евалуација на понудите за избор на изведувач и надзор на проектот. Структурата на финансирање е предвидена да биде со заем од ЕБРД, дел од грант средствата од WBIF и за експропријацијата, со финансиски средства од ЈПДП“, стои во одговорите што ни ги доставија од јавното претпријатие.

За посетување, „Фокус“ своевремено ја истражуваше изградбата на првите 2 километри од автопатската делница кон Блаце, за која, ЈПДП во време на претходната власт на СДСМ и ДУИ склучи 2 договори со градежната компанија „Гранит“ во вкупна вредност од 28 милиони евра, што значи дека еден километар чинел 12 милиони евра.

Она што даваше специфичен контекст на цела ситуација, според документацијата што ја обезбедивме и податоците до кои дојдовме, беше фактот што непосредно пред „Гранит“ да го добие вториот милионски тендер за 2-километарската автопатска траса, компанијата го продала хотелот на Попова Шапка за 55 илјади евра на приватна фирма, која во тој момент имаше еден вработен и работеше со загуби.

Како што објавивме, станува збор за друштвото „Еуро Ком Лигхтинг“, кое подоцна се доведе во директна корелација со тогашниот вицепремиер Артан Груби (моментално е во домашен притвор поради предметот за „Државна лотарија“), бидејќи се испостави дека опожареното „ауди А6“ што го управувал Груби било во формална сопственост на газдата на компанијата-купувач на хотелот на Попова Шапка – Беким Лимани.

Сега, до компанијата и до сопственикот Лимани упативме прашање дали споменатиот недвижен имот на Шапка е продаден на компанија што поседува друг хотел во непосредна близина, при што го добивме следниов одговор: „За жал, спомената руинирана парцела од тотално 152 м2 на Попова Шапка не успеав да ја развијам и затоа одлучив да ја продадам по приближна набавна цена, но не е точно дека е продадена и дека е купена од било кого до сега“.

Инаку, по политичките промени во 2024 година, новата влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ одлучи да го прекине проектот за изградба на останатите 10 километри од автопатската траса кон Блаце, со објаснување дека трасата е лоша, па дури и со обвинувања дека намерно се одбрала тешка траса низ планински дел со цел максимално да се напумпа цената на чинење на проектот.

Иако првично се планираше цела делница од 12 километри да чини околу 110 милиони евра, сепак, по изградба на првите 2 километри за 28 милиони евра се изнесе нова проекција, според која втората фаза, т.е. изградбата на 10-те километри треба да чини околу 187 милиони евра, со тоа што оваа сума може да порасне и до 300 милиони евра. Колку на крајот ќе чини цел проект, засега официјално е непознато, бидејќи се уште трае постапката за избор на изведувач и надзор.

Инаку, актуелната влада најави дека автопатот ќе се гради според изменет и ревидиран објект, со цел, меѓу другото, и да се заштедат средства. И покрај тоа што од инвеститорот ЈПДП не информираа дека ревизијата на проектот е завршена и дека се направени „мали измени според забелешките доставени од Градежниот факултет во Скопје, а кои се однесуваа на техничката спецификација и исполнување на градежните нормативи“, сепак, не откриваат за какви точно измени се работи.

Имајќи во предвид дека од ЈПДП велат дека времетраењето на изградбата се очекува да биде 48 месеци, откако на изведувачот ќе му се даде право на пристап до земјиштето и започнување на градежните работи, произлегува дека автопатот би можел да биде готов во 2030 година, доколку до крајот на оваа 2026 година биде избран изведувач и надзор. Дотогаш, изградените 2 километри од автопатот ќе бидат бескорисни.

- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
Најчитани
- Advertisement -spot_img
Stay Connected
10,404фановикако
61,453претплатницисе претплатите
- Advertisement -spot_img
Поврзани вести
- Advertisement -spot_img