Случајот со апелациониот судија Ѓоко Ристов ја потресе јавноста и лошо делуваше и кај судиите и кај целокупната судска фела, па и кај адвокатите и останатите кои што се вклучени во правосудниот систем, рече Вера Коцо, поранешна судијка во Врховниот суд, во вечерапната дебата во „Топ тема“ на ТВ Телма.
„Ова беше неизбежно. Тој бил следен подолго време и на крај се случи тоа што се случи. Се плашев како ќе реагира Судскиот совет, имајќи го во предвид поранешното искуство на Судскиот совет кој што знаеше понекогаш да го симне имунитетот, но да не дозволи одење во притвор. Во овој случај одлучи така како што требаше да одлучи, односно го исмна имунитетот и дозволи куќен притвор“, рече Коцо.
Коцо е со впечаток дека истрагата за Ристов ќе открие многу повеќе работи.
„Ова што сега се кажува дека тој вршел корупција на начин што наплатувал за некакви дејствија и собрал… Ова не е собирано од еден предмет, 350.000 евра е огромна сума и најверојатно оваа истрага ќе има подлабоки корени. Кој знае што сè ќе се открие понатаму“, вели Коцо.








