Општина Битола во соработка со Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола и ова лето, по четврти пат, ја организира универзитетската летна пракса, со цел унапредување на практикантската работа и поголемо вклучување на студентите во работата на локалната самоуправа.
Оваа година 40 студенти ќе имаат можност да ја реализираат својата пракса во одделенијата на Општина Битола, во Советот на општината, како и во јавните претпријатија кои се под надлежност на локалната самоуправа.
Градоначалникот Тони Коњановски им посака успешна пракса на студентите, истакнувајќи дека ваквите програми се важен чекор во приближување на младите до институциите и нивно разбирање како сервис на граѓаните.
Тој посочи дека преку разговор со студентите пренел искуства од странски практики, каде што младите активно се вклучуваат во работата на општинските администрации и ја гледаат како можност за професионален развој и општествена одговорност.
Ректорот на УКЛО, проф. д-р Игор Неделковски, нагласи дека моделот што го применуваат Општина Битола и универзитетот веќе четири години претставува пример што во последно време почнува да се применува и во други државни институции, што претставува признание за успешноста на програмата.
На средбата со студентите присуствуваа и претставници од ректорската управа на универзитетот, како и претседателот на Советот на Општина Битола, Бојан Бојкоски.
Летната пракса се реализира во текот на јули, август и септември во повеќе сектори на општината и во јавните претпријатија. Секој студент ќе биде ангажиран во период од еден месец и ќе добива месечен надоместок од 10.000 денари нето.








