Конфискуваната брендирана гардероба на Бојан Јовановски – Боки 13, вредна речиси 600.000 евра, веќе пет години стои во магацините на Агенцијата за управување со одземен имот. Најпрвин со години се чекаше проценка, а откако таа е направена, се уште не се огласува за продажба.
Но, како што дознава ,,Фокус”, наместо на продажба, можно е облеката да заврши и како донација. Можното сценарио произлегува од одговорот кој го добивме од Агенцијата за управување со одземен имот, каде што прашавме кога оваа гардероба, конфискувана за случајот ,,Рекет”, ќе биде огласена за продажба, бидејќи нејзината проценка беше направена уште пред половина година.
-Агенцијата за управување со одземен имот, конечно одземените предмети може да ги продаде, уништи или ги отстапи на државни институции, здруженија на граѓани или фондации. Во зависност од донесената Одлука на Управниот одбор ќе зависи и понатамошната постапка и за овие одземени предмети, ни одговорија од Агенцијата.
Оваа новина, гардеробата да не оди на продажба, а потоа парите да се слеат на буџетска сметка, е возможна од пред три месеци, кога беа направени измени на Законот за управување со конфискуван имот. Ова значи дека облеката може да заврши како донација во државни органи, јавни установи или здруженија и фондации.
Претходно, пак, пред половина година, од Агенцијата ни одговорија дека конечно е направена проценката за вредноста.
-За одземените предмети во случајот Рекет од осуденото лице Бојан Јовановски е изготвена процена и таа е во износ од 36.640.187,00 денари (596.000 евра). Одземените предмети се сместени и се наоѓаат во депо Тетово со непроменет број на парчиња, односно во целост на број, ни одговорија од Агенцијата.
Се почна летото 2019 година, кога истражители од домот на Јовановски одзедоа 71 вреќа со гардероба, чевли, часовници, чанти и накит, вкупно 1.208 парчиња на број, од познати модни брендови, како Луј Витон, Версаче, Долче и Габана, Гучи, Валентино, Диор…
Меѓу запленетата облека беше и упадливата сребрена наметка од Луј Витон, вредна 8.000 евра, која Боки 13 ја носеше на доделувањето на наградите „Story“.
Обвинителството тврдеше дека Јовановски сите модни парчиња ги купил во периодот од 2018 и 2019 година, трошејќи од 1,5 милион евра, кој наводно ги изнудил од бизнисменот Орце Камчев. Боки 13 пак тврдеше заплената е незаконска, бидејќи најголемиот дел од гардеробата, дури 95 отсто, наводно ја купил неколку години пред тоа, уште од 2013 година. За да го убеди судот, тој презентираше 1.650 фотографии од неговите аутфити низ годините, појаснувајќи за секое парче кога е купено.
Листата со одземена гардероба е предолга. По боја и марка се наведени 60-тина ремени: ремен во сива боја „версаче“, ремен кафена боја „фенди“, ремен со зелена боја „салваторе ферагамо“…
Потоа, на листата се редат над 80 пара панталони, стотина кошули, 70-десетина капути, десетина јакни, над 60 пара тренерки, 50 пара сакоа, десетина пара фармерки, десетина пара сакоа со панталони, стотина чифта чевли, над 60 пара патики, како и приближно толку пара чизми.
Но, тоа не е сѐ. На љубимецот на брендирана гардероба му беа одземени и триесетина капи и шапки, ист број папучи, над 70 чанти, сите со потпис од некој познат моден дизајнер, над стотина пара очила, стотина пара маици…
При претресот, Боки 13 остана и без својот накит. Му беа запленети десетина брендирани ланци, алки, прстени, часовници, брошеви и приврзоци од марките Версаче, Долче и Габана, Валентино, Гучи, Ролекс…
Тој остана и без својата златна круна со потписот на Долче и Габана.
Освен луксузната облека, во некој од магацините на Агенцијата за управување со одземен имот заврши и голем дел од брендираниот мебел од семејниот дом на Јовановски.
Па така, уште никој не добил можност да лицитира за неговите девет перници „зебрано“, или нечија дневна соба да ги краси троседот и четирите фотелји од истата марка. Или некој да пие кафе на неговите фенси масички или да јаде на неговата трпезариска маса и столови.
Јовановски остана и без неговите теписи од марката „Agora Hali Milano“, лустерите со кристали и столни ламби, па дури и без украсите, односно фигури во облик на мајмун и на куче.
Засега енигма е и кај ќе завршат неговите телевизори со димензии од 220 см и 140 см, кои биле запленети заедно со далечинските управувачи, или кој се огледува во огледалото марка „ролекс“?
Боки 13 остана покус и за десетина вредни уметнички слики, како и без 12.000 евра кеш.
Валентина Вурмо






