домаМакедонијаКлековски: Епидемијата во Гостивар е прогласена, храната засега е исклучена како можен...

Клековски: Епидемијата во Гостивар е прогласена, храната засега е исклучена како можен извор

- Advertisement -spot_img

Министерот за здравство Сашо Клековски потврди дека во Гостивар официјално е прогласена епидемија поради наглиот пораст на бројот на граѓани со стомачни тегоби, додавајќи дека здравствените власти и понатаму регистрираат меѓу 250 и 300 нови пациенти дневно.

Според него, најголемиот дел од заболените имаат лесна клиничка слика со дијареја, повраќање и дехидратација, додека покачена температура и треска се јавуваат значително поретко. По примена на инфузиона терапија, повеќето пациенти се пуштаат на домашно лекување, а во болница остануваат само мал број лица, претежно пациенти со други здравствени проблеми кај кои е потребно дополнително следење.

Клековски нагласи дека прогласувањето на епидемијата има пред сè организациска улога и овозможува подобра координација меѓу институциите, додека сите здравствени мерки биле преземени уште пред официјалната одлука.

Министерот рече дека според досегашните епидемиолошки податоци, храната речиси сигурно не е причината за масовното заболување.

„Гледајќи ја демографската и географската распределба на заболените, алиментарна инфекција практично се исклучува. Но мораме да бидеме внимателни и да не носиме предвремени заклучоци пред да завршат сите анализи“, изјави Клековски.

Тој посочи дека заболени има од сите возрасни групи и од повеќе населени места, вклучително и населби кои користат различни водоводни системи, поради што епидемиолошките анкети и лабораториските анализи остануваат клучни за утврдување на вистинскиот причинител.

Во моментов во Општата болница во Гостивар сите пациенти добиваат неопходна здравствена заштита, а потребите од медицински кадар се покриваат со прераспределба на лекари од другите одделенија.

Клековски информираше дека резултатите од анализите на водата се очекуваат во текот на утрешниот ден. Испитувањата се вршат по налог на Јавното обвинителство, кое ќе ги соопшти резултатите и ќе одлучи за понатамошните чекори.

Осврнувајќи се на сомнежите дека нелегално поставени пумпи во водоводниот систем се можен извор на загадувањето, министерот рече дека тие веднаш биле исклучени од употреба, но нагласи дека институциите нема да излегуваат со конечни заклучоци додека не заврши истрагата.

Во меѓувреме, препораката водата од гостиварскиот водовод да не се користи за пиење и подготовка на храна останува во сила, сè до добивањето на официјалните резултати од анализите.

- Advertisement -spot_img
Најчитани
- Advertisement -spot_img
Stay Connected
10,404фановикако
61,453претплатницисе претплатите
- Advertisement -spot_img
Поврзани вести
- Advertisement -spot_img